Во врска со компресорските станици, одговори дека инсталациите се веќе поставени, дека се работи интензивно со компанијата што работела, и дека тоа треба да заврши кон крајот на јануари следната година.
„Практично, останат е само апаратот што треба да се постави и добро е тоа што сега ќе имаме бек. Практично новата инсталација и новиот апарат ќе функционираат, а стариот апарат ќе го поправиме и тоа ќе биде секогаш како поддршка. Доколку се случи нешто на новиот апарат, да не чекаме повторно шест месеци додека се направат одјави, па се најде фирма, па повторно да се работи. Така да, ако се расипе новиот апарат после 10, 15, 20 години, стариот апарат ќе биде тука за да помогне веднаш да се вклучи“, појасни министерот.
Операциите, рече, продолжуваат без никаков застој во полна пареа.
Тој посочи дека секаде во регионот, човечките ресурси се проблем, посебно во здравството.
„Што можеме ние како Влада да направиме, да подобриме услуги и плати, тоа континуирнао го правиме. Не случајно, често специјализанти, потоа нов колективен договор. Ќе видиме сега за идната година и бодовите односно капитацијата за докторите по семејна медицина, некаде во април да се покачат за да бидат мотивирачки, тие да останат да работат и да дадат нивен максимум како здравствени работници. Тоа можеме како Министерство за здравство и како Влада. Другото не зависи од нас“, истакна Таравари.
Тој се осврна и на тоа дека има и доктори, кои работат во разни европски држави, а се заинтересирани да се вратат во државата.
„Јас мислам дека ова е доста мотивирачки за нас. Можеби бројката е симболична, тројца. Мислам дека сериозно ќе треба како Министерство за здравство и како Влада да размислиме да ги отвориме вратите, барем тие што се поблиску од Хрватска или од Словенија и од другите европски држави. Доколку имаат, на пример, тригодишно работно исксутво во тие држави, си заминале, да бидат отворени вратите во сопствената држава, да се вратат и да ги интегрираме во нашиот здравствен систем“, рече министерот.
Тој уште кажа дека е обезбеден буџет за 1.117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти, а со почетокот на новата година ќе се објават конкурсите.
„Ова е дел од нашата стратегија за подобрување на кадровските капацитети во здравството. Се посветивме на детални анализи и подготовка на измени кои ќе донесат долгорочен напредок во здравството. Клучен аспект на оваа работа беше изработката на програма за интегрирање и функционална реорганизација на здравствените единици во јавното здравство. Преку оваа програма се стремиме кон рамномерна регионална распределба на медицинските установи низ целата земја“, подвлече министерот.
Тој рече дека еден од најголемите проекти што е започнат, е спојувањето на јавните установи од Комплексот клиники „Мајка Тереза” во нов правен субјект Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза” Скопје. Притоа додаде дека оваа иницијатива ќе обезбеди поефикасно управување и унапредување на здравствените услуги за сите граѓани.
Паралелно, работната група за дигитализација, составена од експерти, во соработка со Министерството за дигитална трансформација, интензивно работела на развивање конкретни решенија за модернизација на здравствениот систем. До напролет очекуваат да има првични резултати и јасна насока за идната дигитализација.
Таравари истакна дека свесни за предизвиците во руралните подрачја, планирале воведување стимулативни мерки за привлекување здравствени работници да работат во овие средини.
„Во однос на зајакнување на здравствениот кадар, досега успешно завршивме повеќе преземања од приватни здравствени установи во јавни, а дополнителни апликации се во тек. Во текот на јануари и февруари, ќе промовираме современа опрема за повеќе здравствени установи, вклучувајќи ја Клиниката за урологија, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски”, болниците во Прилеп и Велес, како и КТ ангиограф за УК за кардиохирургија, кој е единствен од ваков вид во регионот. Покрај ова, ќе иницираме отворање современ центар за инвитро фертилизација на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство“, соопшти министерот.
Тој информираше дека на полето на инфраструктурни инвестиции, посветено работеле на модерни хируршки сали во ГОБ ,,8 Септември” и во Клиничка болница Тетово, современ ургентен центар и педијатриски центар во Струмица, финализирање на проектот за болницата „Св. Еразмо” во Охрид со отворање во 2026 година, реконструкции на болниците во Велес, Гостивар, Прилеп, Демир Хисар, како и Центарот за цистична фиброза Козле.
„Наш приоритет остануваат КБ Штип и ОБ Кичево, за кои активно работиме на меѓувладин договор со заинтересираните страни. Во однос на легислативни промени, во пролет очекуваме усвојување на новиот закон за лекови, синхронизиран со европските стандарди, а до крајот на 2025 година финализација на законот за медицински средства. Работиме и на ревидирање на Законот за здравствена заштита, со посебен фокус на воведување парамедици во здравствениот систем. Сите овие активности ја рефлектираат нашата визија за здравствен систем кој е достапен, модерен и ориентиран кон потребите на граѓаните“, нагласи министерот за здравство на средба со медиумите, упатувајќи честитки за празниците и посакувајќи им на граѓаните здравје, радост и успех.
Таравари се надева дека веднаш по Нова Година ќе се формира комисијата за промени во системот „Мој термин“.
„Јас се надевам дeка комисијата веднаш по Нова година ќе се формира. Нон стоп работиме на „Мој термин“, ги пoдобруваме секогаш работите по барањата на пациентите. Времето на чекање јас мислам дека е многу помалку сега, во однос на тоа што беше пред шест месеци. Меѓутоа, никогаш не е идеално. За дигитализација треба сериозно да се размислува, тоа беше и една од поентите што сме ги кажале од почеток. Така да, ќе дадеме наш максимум што помалку да биде времето на чекање и што порганизиран да биде „Мој термин“ како софтвер што се користи во здравствениот систем“, одговори министерот.
Тој најави и стратегија, да се види што недостасува и по тие области да се дадат поголем број специјализации, со можности за младите. Се размислувало и за мотивирачки елементи во конкурсот. Како еден млад доктор, на пример да биде мотивиран да оди на патологија.
„Дајте ни време и ние размислуваме во тој правец, како еден млад успешен, лекар кој завршил медицина, да му кажеме, убаво е да помогнете и да работите, да бидете иден добар патолог во државата кој ќе помага на пациенти. Меѓутоа, дајте ни време да видиме како би можеле тоа да го направиме за да тие се насочат према радиологја, патологија, тоа што ни треба најмногу во државата“, нагласи министерот.
Таравари изрази оптимизам дека идната година ќе започнат доградувањето и завршувањето на болниците во Штип и во Кичево.
Таравари заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорката на Клиниката за психијатрија Славица Арсова, денеска, свечено го отворија комплетно реновираниот дел од Универзитетската клиника за психијатрија.
Како што посочи Таравари, ова е втора Универзитетска клиника која што ја промовира оваа Влада, со услови подостоинствени отколку на приватните клиники во државата.
„За шест месец ова е втора Универзитетска клиника што ја промовираме со услови можеби подостоинствени за нашите пациенти, отколку на приватните клиники во државата. На Дигестивна хирургија бевме пред неколку месеци заедно, денеска сме на Клиниката за психијатрија. Условите се навистина многу добри и се надевам до крај на јануари ќе одиме заедно со вас новинарите да ги промовираме Ургентниот интернистички центар на токсикологија, којшто е при крај, и се надевам, Клиниката за урологија, која што ќе изгледа исто како Клиниката за дигестивна хирургија и Клиниката за психијатрија. Секогаш како Влада, па и како Министерството за здравство, пред сѐ и над сѐ, целта ни е достоинствени здравствени услуги за пациентите во јавните здравствени установи“, рече Таравари.
Директорката Арсова истакна дека со новите услови за работа на Клиниката целиот медицински персонал ќе може да обезбеди квалитетна здравствена услуга на сите пациенти, бидејќи, како што рече, без квалитетни услови не може да се очекува квалитетна здравствена заштита.
„Доколку не обезбедиме квалитетни услови, безбедни услови, пријатни услови за работа на здравствениот персонал, тогаш не може да очекуваме и квалитетна здравствена заштита и превенција на менталното здравје, за кое цело време зборуваме. Менталното здравје се негува уште од самото раѓање, па до крајот на нашиот живот и не се сомневам дека целиот персонал, од доктори до сестри, техничари, болничари и административен персонал на нашата Клиника се спремни да го пружат тоа на највисоко можно ниво. Покрај клиничката дејност, нашата Клиника се бави и со едукативна дејност, ние имаме и таква задача и цел да едуцираме нови кадри, нови здравствени кадри и да ги подобруваме и прошируваме здравствените услуги“, рече Арсова.
Премиерот, пак, вели целта на Владата е да обезбеди пристојни услови за граѓаните, како и за медицинскиот персонал. Мицкоски му честиташе на министерот за здравство за потпишувањето на колективните договори, изразувајќи надеж дека мотивираноста кај здравствените работници ќе биде уште поголема.
„Сето она кое што во минатото било запоставено и заборавено, целта на оваа Влада, на министерот, како и на директорите во здравството е да направат додадена вредност да направат повеќе за граѓаните да имаат пристојни услови, онакви какви што заслужуваат и лица мотивирани кои што ќе се грижат за нивното здравје. Работевме многу и во делот на потпишување на колективните договори, му честитам на министерот и на директорот на Фондот за здравство, како и на сите кои учестуваат во тој процес, министерката за финансии исто така, бидејќи се потпишува договор којшто никогаш порано не бил направен со Синдикатите и колективен договор. Ценам дека на тој начин мотивираноста кај здравствените работници ќе биде уште поголема, им честитам на сите вклучени што направи овој објект овде када изгледа овака репрезентативно“, рече Мицкоски.