среда, 4 декември 2024

СЗДСМ: Пратениците имаат можност да ги намалат трошоците на дијабетичарите

Сојузот на здруженија со лица со дијабетес (СЗДСМ) денеска преку соопштение упатено до јавноста ги повика сите 120 пратеници, како и креаторите на здравствените политики во Владата, „да му дадат приоритет на здравјето на над 3.500 граѓани кои живеат со тип 1 дијабетес (Т1Д), како и на околу 2.000 луѓе со тип 2 дијабет (Т2Д)  со здравствени компликации од високите нивоа на шеќер во крвта. Во соопштението уште се наведува пратениците да ги усвои амандманите за одвојување на дополнителни средства за набавка на сензори за континуирано мерење на гликемии (ЦГМ), како и за инсулински пумпи за да се осигура дека секое лице со T1Д и Т2Д со компликации има пристап до новите технологии кои спасуваат животи.

Објавено на

часот

Сподели

Македонија се соочува со предизвици во грижата за дијабетесот, вклучително и ограничен пристап до современи помагала за следење на вредностите на шеќерот во крвта, како и до соодветни третмани, велат од  Сојузот на здруженија со лица со дијабетес (СЗДСМ).

„ЦГМ сензорите и инсулинските пумпи се критично важни за управување со дијабетесот, а во моментов такви сензори се обезбедуваат за само 18,5 отсто од вкупниот број на лица со тип 1 дијабетес и за само 6 отсто од Т1Д имаат обезбедено инсулински пумпи. Ова остава илјадници пациенти со тип 1 дијабетес и со тип 2 дијабетес со компликации да не можат да имаат корист од благодетите на овие нови технологии. Во РСМ има над 130.000 лица со дијабетес, од кои над 3.500 со Тип 1 дијабетес (кој е многу опасна болест, бидејќи од самиот почеток панкреасот не лачи инсулин и за овие лица ЦГМ сензор значи помагало за одредување на дозата на инсулин која треба да се внесе за да имаат добро ниво на гликемија во крвта), а другите со тип 2 дијабетес (околу 125.000 лица се со Т2Д кај кои панкреасот лачи инсулин, и кога се дијагностицираат почнуваат на таблетарна терапија),  од кои 40.000 лица користат инсулин, а со голем степен на компликации се околу 2.000 лица“, велат од СЗДМ.

Од Сојузот укажуваат дека во овој момент само 650 граѓани со дијабетес имаат обезбедени ЦГМ сензори и тоа 350 деца и млади до 25 годишна возраст и околу 300 Т1Д граѓани со компликации кои за да добијат треба да имаат 90 отсто слепило, лица со ампутирани нозе и други компликации кои настануваат со лошо менаџирање на нивото на гликемија. Околу 200 лица користат инсулински пумпи обезбедени од здравствениот фонд.

„Ако се направи анализа на трошоците во однос на придобивките за обезбедување ЦГМ сензори за граѓани со дијабетес тип 1 и за оние со тип 2 дијабетес со компликации, ќе се заклучи дека долгорочните финансиски придобивки од користење на ЦГМ сензорите ја надминува повеќекратно почетната инвестиција во смисла на подобрени здравствени резултати и намалени вкупни трошоци за здравствена заштита“, велат од СЗДМ.

Анализата е структурирана околу неколку клучни области, а првата е превенција на здравствените компликации.

Од Сојузот наведуваат дека ЦГМ сензорите им помагаат на луѓето со дијабетес тип 1 да одржуваат подобра контрола на гликозата во крвта, значително намалувајќи го ризикот од компликации поврзани со дијабетес, како што се ретинопатија, невропатија, бубрежна инсуфициенција и кардиоваскуларни заболувања.

„Овие компликации се скапи за лекување на долг рок и често бараат хоспитализација, итна помош, хируршки интервенции и долготрајна рехабилитација“, неведуваат од Здружението.

Втората клучна област е директна заштеда во здравствената заштита.

Со обезбедување на ЦГМ, велат од СЗДМ, раното откривање и интервенција може да ја спречи потребата за поскапи третмани, намалувајќи го долгорочниот товар на националниот буџет за здравствена заштита.

Дополнително секој граѓанин со дијабетес кое ќе дојде до сериозна компликација, престанува да создава вредност во општеството, бидејќи повеќе не може да работи, и од придонесувач кон буџетот, станува лице кое го троши буџетот како лице со инвалидитет или болно лице.

Поради ова, Сојузот ги повикува сите пратеници да изгласаат зголемување на буџетот за 2025 година за помагала за лицата со дијабетес, обезбедување финансирање на сензори  ЦГМ за 5.000 лица со дијабетес, обезбедување финансии за обезбедување инсулински пумпи за 3.000 лица со дијабетес и тоа со зголемување на предвидените средства од буџетот за 2025 година.

Како поддршка на нивните барања од Сојузот на здруженија со лица со дијабетес посочуваат дека трошокот за ЦГМ за едно лице е околу 120.000 денари на годишно ниво.

„Доколку се случи компликација трошокот за терапија за ретинопатија изнесува меѓу 300.000-500.000 денари годишно за едно лице, за ампутација на есктремитет и поврзани помагала  е над 1 милион денари од пациент…“, потенцираат од СЗДМ.

Тие обрнуваат внимание и на усогласувањето на политиките на Македонија со меѓународните стандарди кои според нив ќе обезбеди правична здравствена заштита за сите нејзини граѓани.

„Сите земји на Европската Унија, како и во регионот (Босна и Херцеговина, Србија и Косово) обезбедуваат ЦГМ сензори и инсулински пумпи како иновативни помагала за инсулинско зависните лица со дијабетес. Нашата држава мора да го стори истото за да ги поддржи своите граѓани и да ја исполни својата заложба за универзална здравствена заштита. Глас за промена во пристапот на менаџирање на шеќерот на крвта кај лицата со тип1 дијабет и оние лица со Т2Д кои имаат компликации. ЦГМ сензори и инсулински пумпи не се луксуз, тие се неопходност за оние поединци кои живеат со Т1Д и оние со Т2Д кои имаат здравствени компликации. Парламентот има единствена можност да го подобри животот, да спречи здравствени компликации и да ги намали трошоците за здравствена заштита преку оваа едноставна, но трансформативна инвестиција, апелира Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија со лица со дијабетес.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ