Хрватските владејачки конзервативци избија на првото место во парламентарните избори одржани вчера, но со нешто помалку мандати отколку во 2020 година, што сугерира тешки преговори за формирање мнозинство, пишува агенцијата Франс прес.
ХДЗ на премиерот во заминување Андреј Пленковиќ освои 61 мандат, во однос на 66 освоени во 2020, а на второто место се социјалдемократите (СДП) на претседателот Зоран Милановиќ со 42 места, што е, во двата случаи, далеку од 76 места потребни за самостојна влада.
АФП пишува дека се чини дека сите опции се отворени за коалиции во членката на НАТО од 2009 и на Европската Унија од 2013 која е и понатаму една од најсиромашните земји во ЕУ со просечна месечна плата од 1.240 евра. „Би можело да се сведе на еден мандат“, предупреди вчера вечерта политичкиот аналитичар Тихомир Ципек. „Ќе биде тоа многу тежок преговарачки процес, и ќе биде многу тешко да се најде заеднички јазик“.
Корупцијата е долго време Ахилова пета на конзервативната ХДЗ која најчесто владеела со Хрватска од нејзиното осамостојување во 1991. Неколку министри во последните години мораа да поднесат оставки, загадувајќи го политичкиот живот со бројни скандали, наведува АФП.
И британската агенција Ројтерс пренесува дека хрватската владејачка партија ХДЗ победила на парламентарните избори, но со помалку места од претходно и без мнозинство.
Ројтерс пишува дека на гласањето се гледа како тест на популарноста на премиерот Пленковиќ и неговата партија ХДЗ, која доминира со политиката од осамостојувањето на Хрватска.
Исходот би можел да ги одреди главните политики, вклучувајќи го тоа како хрватската влада ќе гледа на конфликтот во Украина и односите со ЕУ. Пленковиќ ја поддржува Украина, опозицијата не, пишува Ројтерс.
Тесната победа веројатно ќе отвори период на политичка нестабилност во земјата членка на ЕУ бидејќи главните партии ќе се обидат да склучат сојузи со други фракции со различни политички ставови. Ројтерс пишува дека Татковинското движење би можело да биде одлучувачкиот фактор и додава дека таа партија не кажала која опција, евентуално, ќе ја поддржи.
ХДЗ се надева дека ќе му користи долготрајната поддршка која ја ужива поради пристапувањето на Хрватска во ЕУ, воведувањето на еврото и порастот на бројот на туристи кои го посетуваат јадранскиот брег, но многумина се уморни од партијата и нејзините бројни корупциски скандали, вклучувајќи го именувањето од страна на Пленковиќ на државен обвинител познат по врските со луѓе вмешани во корупциски зделки, што може да го загрози мнозинството на ХДЗ, додава Ројтерс.
Британската агенција пишува дека опозициската СДП се надевала на подобар резултат, додавајќи дека нејзиниот лидер најави почеток на разговорите „уште од утре“.
„Без оглед на конечната поделба на пратеничките места, веројатно парламентот ќе биде порасцепкан и коалициските преговори долго ќе траат“, вели Марио Бикарски, аналитичар за источна и централна Европа во компанијата за проценка на ризикот Вериск Мејплкрофт.
Малцинска влада, дали на ХДЗ или на СДП, би била уште понестабилна и малку е веројатно дека би издржала цел мандат, оценува Ројтерс.
Германската агенција ДПА пишува дека Хрватската демократска заедница на Пленковиќ стана вчера победник на парламентарните избори во Хрватска, но без апсолутно мнозинство, по изборите обележани со лутото ривалство меѓу претседателот Зоран Милановиќ, социјалдемократот со симпатии кон Москва, и конзервативниот Пленковиќ.
ДПА оценува дека со грубите навредувања на политичките противници како „гангстер“ и „паразит“ му го наметнале на Милановиќ прекарот „хрватски Трамп“.
Германската агенција пишува дека набљудувачите веруваат дека Пленковиќ, кој имаше само тесно мнозинство во Саборот пред распуштањето во март, сакал вонредни избори за да спречи понатамошен пад на популарноста.
ДПА истакнува дека актуелниот премиер го продолжил „ширењето на корупциските мрежи во државата и администрацијата кое го почнаа неговите претходници“ и дека за речиси осум години мандат изгубил 30 министри поради корупциски афери.
За Милановиќ ДПА пишува дека, иако стана претседател во 2020, станал уште поголем националист, скептичен кон ковид и со проруски став, и додава дека, меѓу другото, залудно се обидувал да спречи Финска и Шведска да влезат во НАТО.
Сите агенции го истакнуваат големиот одзив на гласачите на овие избори, како и тоа дека Милановиќ не се огласи во изборната ноќ.