петок, 13 декември 2024

Светот се загрева побрзо од очекуваното – поради облаците, вели нова студија

Минатата година беше најжешката досега, океаните вриеја, глечерите се топеа со алармантна брзина, а научниците се мачеа да откријат точно зошто.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Невообичаената топлина беше поттикната од голем број фактори, главно загревањето на планетата со согорувањето на фосилните горива и природниот климатски модел Ел Нињо. Сепак, само ова не го објаснува невообичаено брзиот пораст на температурата.

Авторите на една нова студија, објавена во четвртокот во списанието Саенс, велат дека ја откриле алката што недостига – облаците. Според студијата, бранот на загревање бил зајакнат со отсуството на ниски облаци над океаните, што може да има алармантно влијание за идното загревање.

Едноставно кажано, помалиот број светли и ниски облаци значат дека планетата е „затемнета“, што ѝ овозможува да апсорбира повеќе сончева светлина, вели Хелге Геслинг, авторка на студијата и климатска физичарка на институтот Алфред Вегенер во Германија.

Овој феномен се нарекува албедо и се однесува на способноста на површините да ја рефлектираат сончевата енергија назад во вселената, пишува Си-ен-ен.

Земјиното албедо опаѓа од 1970-тите, делумно поради топењето на светлиот снег и морскиот мраз, откривајќи потемно копно и вода што апсорбираат повеќе од сончевата енергија, загревајќи ја планетата. Ниските облаци исто така придонесуваат за овој ефект зашто ја одбиваат сончевата светлина.

Научниците ги пребарале сателитските податоци на НАСА, временските податоци и климатските модели и откриле дека опаѓањето на ниските облаци го намалило албедото на рекордно ниско ниво минатата година. Областите на северниот Атлантски Океан доживеале особено значителен пад, покажа студијата.

„Минатата година одговара на една деценија опаѓање на ниската облачност“, рече Хелге Геслинг.

Она што студијата сè уште не може со сигурност да го објасни е зошто се случува тоа. „Ова е толку сложена работа и толку тешко да се разјасни“, истакнува Геслинг.

Таа верува дека ова е резултат на комбинација од фактори. Првиот е намалувањето на загадувањето во поморскиот сообраќај поради прописите за штетните емисии на сулфур во индустријата. Иако ова беше победа за човековото здравје, овој тип загадување помогна и за ладење на планетата со осветлување на облаците.

Природната климатска варијабилност, вклучувајќи ги и променливите услови во океаните, исто така може да придонесе. Но  Геслинг укажува на трет, поалармантен фактор: самото глобално загревање.

Ниските облаци обично напредуваат во ладна и влажна пониска атмосфера. Како што се загрева површината на планетата, тоа може да предизвика нивно разредување или целосно распаѓање, поставувајќи комплицирана повратна јамка во која ниските облаци исчезнуваат поради глобалното загревање, а нивното исчезнување потоа поттикнува понатамошно загревање.

Ако тоа се случи, проекциите за идното загревање би можеле да бидат потценети и би требало да очекуваме доста интензивно загревање во иднина, истакнува Геслинг.

Марк Залинка, атмосферски научник во Националната лабораторија Лоренс Ливермор, кој не бил вклучен во студијата, вели дека фактот дека облаците играат клучна улога има смисла бидејќи тие во суштина дејствуваат како штит на Земјата од сонцето. Малите промени во облачноста можат драстично да го променат албедото на Земјата.

Облаците можеби изгледаат како едноставна работа, но тие се бескрајно сложени и научниците сѐ уште се далеку од откривање на нивното однесување. Тие се една од најголемите главоболки во науката за климата, според Геслинг.

Но клучот е да откриеме како облаците ќе реагираат на глобалното загревање, вели Залинка: „Тоа буквално одредува колкаво загревање се очекува во иднина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ