Русија денеска соопшти дека преговорите со официјални лица од Киев за решавање на конфликтот во Украина напредуваат и подвлече дека целта на московските трупи не е соборување на украинската влада.
„Постигнат е одреден напредок“, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова за време на брифингот со новинарите, осврнувајќи се на трите круга преговори со Киев.
Таа рече дека руската војска немала задача да ја „собори сегашната влада“.
Воената операција во Украина се одвива според планот, рече Захарова и истакна дека околу 140.000 Украинци побегнале во Русија.
Таа, исто така, рече дека Русија ќе ја постигне својата цел да обезбеди неутрален статус на Украина и дека повеќе би сакала да го постигне тоа преку дијалог.
Захарова се надева и на позначаен напредок во следната рунда преговори со украинската делегација.
Русија и Украина денеска договорија еднодневен прекин на огнот околу низа коридори за евакуација за да им овозможат на цивилите да избегаат од борбите, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.
Верешчук рече дека Москва ветила дека ќе го почитува примирјето од 9 до 21 часот околу шест области што се силно погодени од борбите, вклучително и региони во близина на Киев, во Запорожје на југ и некои делови од североисточна Украина.






