„На барање на претседателот (на Украина) Володимир Зеленски, официјално барам итни консултации на членките на Советот за безбедност на ОН врз основа на членот 6 на Будимпештанскиот меморандум“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.
Барањето е засновано на Будимпештанскиот меморандум, договорите кои Русија ги потпиша во 1994 година и со кои се гарантира интегритетот и безбедноста на три поранешни советски републики, вклучувајќи ја Украина, во замена за откажување од нуклеарното оружје наследено од СССР.
За време на припојувањето на Крим во 2014, Украина се повика на меморандумот за да ја потсети Русија на нејзините гранични обврски.
Тие договори, меѓутоа, не се обврзувачки.
Украинското барање доаѓа во момент кога западните земји стравуваат од руска инвазија на Украина.
Последниот состанок на Советот за безбедност на ОН за Украина беше одржан на 1 февруари, на барање на САД, а спротивно на желбата на Русија. Таа средба се претвори во отворена вербална конфронтација на Вашингтон и Москва.






