„Врз основа на изјавата која штотуку ја објави Хамас, верувам дека се подготвени за траен МИР. Израел мора веднаш да престане со бомбардирањето на Газа за да можеме безбедно и брзо да ги извлечеме заложниците! Премногу е опасно да се прави тоа во моментов. Веќе разговараме за деталите што треба да се разработат. Ова не е само за Газа, ова е долго посакуван МИР на Блискиот Исток“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.
Во исто време, Катар соопшти дека започнал координација со медијатори од Египет и САД за продолжување на разговорите за планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа за завршување на војната.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар напиша на Икс дека Катар го поздравува одговорот на палестинската милитантна група Хамас на планот на Трамп.
Хамас објави дека е подготвен да ги ослободи сите израелски заложници, што е предвидено во планот на Трамп за палестинската енклава. Во исто време, Хамас изјави дека ќе бара преговори за деталите за ослободувањето, како и за други точки како што се предавањето на контролата врз Појасот Газа и разоружување на милитантната група.
Трамп му даде рок на Хамас до недела вечер да постигне договор за неговиот план за иднината на Газа, нарекувајќи го тоа последна шанса за палестинската милитантна група.
Планот на САД повикува на итен прекин на огнот, размена на сите заложници што ги држи Хамас за палестински затвореници што ги држи Израел, постепено повлекување на Израел од Газа, разоружување на Хамас и воспоставување преодна влада предводена од меѓународно тело.
Хамас не кажа дали ќе се согласи да се разоружа, што е барање на Израел и САД што претходно го отфрлаше.
Палестинската милитантна група изјави дека „ги цени арапските, исламските и меѓународните напори, како и оние на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повикува на крај на војната во Појасот Газа, размена на затвореници и итен проток на помош“, меѓу другите услови.
Хамас изјави дека е подготвен да ги ослободи сите заложници, „и мртви и живи“, и да преговара за деталите како да се направи тоа. Висок функционер на Хамас изјави за Ал Џезира дека предавањето на заложниците во рок од 72 часа „не е реално“.
Хамас исто така тврди дека е подготвен да „ја предаде администрацијата на Појасот Газа на палестинско тело на независни (технократи) врз основа на палестински национален консензус и со поддршка на арапските и исламските сили“.
Висок функционер на Хамас изјави дека прашањата во врска со иднината на Газа треба да се разгледаат во рамки на сеопфатна палестинска национална рамка што би го вклучувала и Хамас.






