Проблемот се однесува на околу 6.000 авиони од семејството А320, што претставува половина од глобалната флота на европскиот производител. Покрај најпродаваниот А320, погодени се и моделите А318, А319 и А321. Британскиот регулатор за воздухопловство предупреди дека ќе има „одредени нарушувања и откажувања на летови“, иако влијанието врз аеродромите засега се чини дека е ограничено.
Брза надградба за повеќето, замена на постарите компјутерски модели
За повеќето авиони, околу 5.100, решението е релативно едноставна софтверска надградба која трае околу три часа. Сепак, на преостанатите 900 постари модели ќе им биде потребна физичка замена на нивните вградени компјутери и нема да им биде дозволено да превезуваат патници сè додека не заврши поправката. Времето потребно за ова ќе зависи од достапноста на резервни делови.
Од Ербас признаа дека ситуацијата ќе доведе до „оперативни нарушувања за патниците и клиентите“ и се извинија. Аналитичарката за воздухопловство, Сали Гетин, за Би-би-си њуз дека ситуацијата е „многу необична“, нагласувајќи дека нарушувањата ќе зависат од „различните пристапи“ кои авиокомпаниите ги применуваат за надградба на софтверот.
Што велат превозниците?
Во Обединетото Кралство, прекините во сообраќајот засега се ограничени. Аеродромот Гетвик пријави „одредени прекини“, додека Хитроу соопшти дека нема откажувања. Изиџет соопшти дека „очекува одредени прекини“, но подоцна додаде дека „веќе завршил надградба на софтверот на многу авиони“ и планира нормален распоред на летови.
Степенот на проблемот варира кај различни превозници. Според новинарот Сајмон Калдер, јавно достапните податоци сугерираат дека Ер Франс е најтешко погоден, со 50 откажани летови од нивниот центар во Париз во сабота наутро. Виз Ер и Ер Индија потврдија дека веќе ги имплементираат потребните надградби.
Проблемот се појави во Соединетите Американски Држави за време на викендот за Денот на благодарноста, еден од најпрометните периоди во годината. Американ ерлајнс соопшти дека 340 од нивните авиони биле погодени и очекувале „одредени оперативни доцнења“, но додадоа дека повеќето од надградбите ќе бидат завршени денеска. Делта ерлајнс соопшти дека верува оти влијанието врз нивното работење ќе биде „ограничено“.
Во Австралија, мала авиокомпанија Џетстар откажа 90 летови откако потврди дека една третина од нејзината флота е засегната, се очекуваат нарушувања во текот на викендот.
Безбедноста на прво место
Тим Џонсон, директор за политика во Британската администрација за цивилно воздухопловство, изјави дека известувањето од Ербас „за жал може да значи одредени нарушувања, некои одложувања или откажувања во наредните денови“. Тој додаде дека воздухопловството сè уште е „еден од најбезбедните облици на превоз“ поради ригорозните програми за одржување, опишувајќи го масовното приземјување како „многу ретка појава“.
Министерката за транспорт Хајди Александар изјави дека „влијанието врз британските авиокомпании се чини ограничено“, додавајќи: „Охрабрувачки е што ова прашање е идентификувано и ќе биде решено толку брзо, што ги демонстрира високите глобални стандарди за безбедност во воздухопловството“.
Причина за проблемот: Сончево зрачење
Проблемот беше идентификуван во дел од компјутерскиот софтвер што ја пресметува висината на авионот. Ербас откри дека на големи надморски височини, податоците можат да бидат оштетени од интензивно зрачење што повремено го емитува Сонцето. Ова доведе до инцидент во октомври, кога авион на лет помеѓу САД и Мексико одеднаш ја изгуби висината, повредувајќи најмалку 15 лица. Производителот тврди дека ова е единствениот регистриран ваков случај.
Европската агенција за безбедност на воздухопловството (ЕАСА) издаде итна директива, со која нареди проблемот да се реши пред авионите повторно да можат да летаат со патници. Дозволено им е само да вршат таканаречени „транзитни летови“ без патници за да стигнат до центрите за одржување.
Семејството авиони А320 е познато по својата технологија „лет со електронско управување“. Ова значи дека нема директна механичка врска помеѓу контролите во пилотската кабина и контролните површини на авионот, туку сите дејства на пилотот се обработуваат од компјутер.






