сабота, 6 декември 2025

Неидентификувани дронови го заземјија воздушниот сообраќај во Холандија

Воздушниот простор над холандскиот град Ајндховен беше затворен за целиот цивилен и воен сообраќај неколку часа откако неидентификувани дронови беа забележани во близина на аеродромот. Ова е најновиот во низата слични инциденти што ги загрижија безбедносните служби низ северна Европа во последните месеци, објави Би-би-си.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Првите дронови беа забележани доцна во петокот над воената воздухопловна база Волкел. Иако беа активирани одбранбени мерки во обид да се соборат, леталата успеаја да избегаат. Откако дроновите повторно се појавија во саботата, овој пат во близина на главниот аеродром, властите одлучија целосно да го суспендираат воздушниот сообраќај. Холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс изјави дека „средствата за борба против дронови“ се подготвени да интервенираат.

Воздухопловната база Волкел не е само клучна за Кралските холандски воздухопловни сили, туку е и дом на ескадрила на воздухопловните сили на САД како дел од НАТО алијансата. Службениците од безбедносни причини одбија да дадат детали за тоа како биле забележани дроновите или какви мерки биле преземени против нив.

Слични инциденти се пријавени во други холандски воздухопловни бази во последните недели, како и во воени објекти во соседните Белгија, Данска и Германија. Истрагите за инцидентите, кои започнаа во септември, беа исклучително тешки бидејќи леталата често исчезнуваат без трага, без да остават докази за своето потекло.

Некои европски претставници ги припишуваат видувањата на „хибридна војна“ од страна на Русија, велејќи дека сите земји што се цел се сојузници на Украина. Кремљ силно негираше каква било поврзаност со претходните упади во воздушниот простор.

Како одговор на растечката закана, министрите за одбрана од десет земји од Европската Унија се согласија да создадат „ѕид од дронови“, додека поединечните земји работат независно на зајакнување на своите системи за одбрана против беспилотни летала.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ