Возачите на камиони вчера го блокираа мостот Амбасадор кој ги поврзува Виндзор во Канада и Детроит во САД.
Канадската полиција соопшти дека е блокиран и преминот во Алберта.
„Продолжуваме да работиме на решавање на ова прашање за да можеме да обезбедиме проток на стоката“, кажа канадскиот министер за јавна безбедност Марко Мендиќино.
Околу 75 отсто од вкупниот извоз на Канада оди во САД, а преку мостот Амбасадор дневно минуваат и до 8.000 камиони.
Сопственикот на мостот, компанијата Интернешнал бриџ од Детроит, соопшти дека меѓународниот транспорт преку мостот мора да се обнови што побрзо.
[video:https://youtu.be/lERGmifqlW0 autoplay:0]Канадските камионџии две недели протестираат во главниот град Отава, каде во неделата беше прогласена вонредна состојба. Слични протести се организирани во Ванкувер и Торонто.
Полицијата соопшти дека демонстрантите се решени да останат во центарот на Отава и дека не ја прекинуваат блокадата.
Шефот на полицијата Отис Бел предупреди дека во половина од 418 возила, кои учествуваат во блокадата, има и деца и дека се загрижени за нивното здравје поради студот, бучавата, јаглерод-моноксидот и недостигот од санитарен јазол.
Канадски судија претходно им изрече забрана на камионџиите да ги користат сирените, кои правеа постојана бука и го нарушуваа животот на граѓаните во центарот на градот.
Канадскиот премиер Џастин Трудо во парламентот кажа дека „протестите мора да престанат“. Повтори дека владата ќе продолжи да се „потпира на науката“, одговарајќи на пратеничкото прашање дали ќе се укинат рестрикциите.






