недела, 7 декември 2025

Израел одобри контроверзни закони за смртна казна и затворање на медиуми

Израелскиот парламент, Кнесетот, вчера одобри два контроверзни закони во првото читање. Едниот ја проширува примената на смртната казна на осудени „терористи“, додека другиот ѝ дава на владата овластување да затвора странски медиуми без судска наредба, објави Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Законот за смртна казна, за кој силно се залагаше крајно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир, беше усвоен со 39 гласа „за“ и 16 „против“. Сега оди на парламентарен одбор за понатамошна расправа пред второто и третото читање, кои се потребни за да стапи во сила.

Бен Гвир тврдеше дека мерката ќе „создаде значително одвраќање“ од тероризмот и се закани дека ќе ја повлече својата партија од владејачката коалиција ако за законот не се гласа.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху претходно се спротивстави на законот, изразувајќи загриженост за можна одмазда против израелските заложници во Газа, но го промени ставот откако се воспостави кревкото примирје.

Смртната казна во Израел во моментов е дозволена само во исклучителни случаи, како што се предавство и воени злосторства извршени под нацистичкиот режим, но не се користи со децении. Единственото лице некогаш погубено во Израел бил Адолф Ајхман, еден од главните архитекти на Холокаустот, кој бил обесен во 1962 година.

Пред гласањето во понеделник, Бен Гвир на социјалната мрежа Икс изјави: „Историјата ќе му суди на секој што ќе се осмели денес да крене прст против законот за смртна казна за терористи“.

Предлог-законот исто така ги менува правилата за воените судови во окупираниот Западен Брег, дозволувајќи им да ја изрекуваат смртната казна со едноставно мнозинство на гласови на судскиот совет, наместо претходната едногласна одлука. Исто така, ја укинува можноста за земање во предвид на олеснителни околности.

Палестинците на Западниот Брег подлежат на воениот закон, додека израелските доселеници подлежат на израелскиот цивилен закон.

Обединетите нации претходно ги осудија израелските воени судови на Западниот Брег, велејќи дека „правата на Палестинците на гаранции за правична постапка се прекршувани“ со децении.

Експертите на ОН минатата година изјавија дека „во окупираниот Западен Брег, функциите на полицијата, истражителите, обвинителите и судиите ги извршува истата хиерархиска институција – израелската армија“.

Затворање на медиумите без судска наредба

На истата седница, пратениците го одобрија и првото читање на законот што ќе ѝ дозволи на израелската влада да затвора странски медиуми без судска наредба. Овој предлог има за цел да ја легализира и трајно воведе мерката позната како „Закон за Ал Џезира“, откако Министерството за комуникации го забрани работењето на катарската мрежа во Израел во 2024 година.

Министерството ја обвини Ал Џезира за антиизраелска пристрасност и поддршка на Хамас во нејзиното известување за војната во Газа.

Ал Џезира постојано ги негираше обвинувањата и ја осуди забраната во Израел. Во изминатите две години, неколку новинари на Ал Џезира беа убиени во Газа од страна на израелските сили. Новиот закон, воведен од пратеникот на Ликуд Ариел Калнер со поддршка на десничарската коалиција на Нетанјаху, ќе ги направи таквите овластувања трајни – дури и надвор од воена состојба или национална вонредна состојба – и ќе ја елиминира потребата од судски надзор.

Репортери без граници (РСФ) го осудија предлогот, нарекувајќи го „првиот клинец во ковчегот на уредничката независност на радио-телевизиските медиуми во Израел“.

„Во контекст на војната и претстојната изборна кампања, владата на Бенјамин Нетанјаху се обидува да ги замолчи гласовите што ја критикуваат крајно десничарската владејачка коалиција“, рече уредничката на РСФ, Ан Боканде. „Овие законодавни напади ќе имаат трајни, негативни последици за медиумскиот пејзаж на Израел“, предупреди таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ