Тунберг беше меѓу деветте шведски активисти приведени минатата недела откако флотилата Глобал Сумуд, која се обидуваше да достави хуманитарна помош во Појасот Газа, беше пресретната од израелската војска.
Приведените активисти се вратија во Шведска. Зборувајќи на прес-конференција одржана на плоштадот Сергелс Торг во Стокхолм заедно со други активисти, Тунберг нагласи: „Им кажавме на луѓето што дојдоа од шведскиот конзулат дека немаме пристап до чиста вода за пиење за време на нашиот притвор, бидејќи водата беше контаминирана и се разболевме“.
Наведувајќи дека побарале помош од конзуларните службеници бидејќи водата од чешма била валкана, таа додаде: „Тие (Израелците) фрлаа шишиња полни со вода за пиење пред нас и ни се смееја што баравме чиста вода. Им рековме: „Не одиме се додека немаме пристап до чиста вода за пиење“.
Тунберг истакна дека ги пријавиле своите жалби кај шведските конзуларни службеници. „Кога конзуларните службеници си заминуваа по состанокот со нас, им реков: „Кога ќе си заминете, ќе нè претепаат, бидејќи никој нема да гледа“. Шведските службеници сепак си заминаа“, рече таа.
Таа тврди дека биле подложени на физичка тортура. „Луѓе се онесвестуваа, а кога побаравме лекар и лекови, тие ставија 60 луѓе во мали кафези и ни рекоа дека ќе нè убијат со гас“, рече таа.
Таа ја критикуваше шведската влада, како и другите влади за нивната неактивност. „Да бидам искрена, навистина не знам што да кажам, бидејќи без разлика што ќе кажеме, ништо нема да ги натера нашите влади да преземат акција против Израел“, се пожали таа.






