„Бараме од БиХ да се придружи на политиката на ЕУ“, кажа вчера Сатлер во интервју за Независне новине потсетувајќи дека обврската на усогласување со надворешната политика на ЕУ произлегува од одлуката на БиХ да бара членство во ЕУ.
БиХ и Србија се единствените држави во регионот кои досега не ѝ воведоа санкции на Русија по примерот на тие што ги усогласија членките на ЕУ. За разлика од официјален Белград, кој размислуваше за можноста за воведување санкции, но тоа го одби правдајќи се со потребата за заштита на своите на национални интереси, во Сараево за тоа не е ни водена расправа бидејќи трите члена на Претседателството на БиХ имаат целосно спротивставени ставови за украинската криза.
Хрватскиот и бошњачкиот член на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ руската инвазија на Украина веднаш ја осудија, но српскиот член на државниот врв избегнува какви било критики на Москва инсистирајќи дека БиХ во оваа ситуација мора да остане неутрална.
„Јас сметам дека треба да се воздржиме од излишни коментари за тоа, најкорисно за нас е да останеме целосно неутрални и да се даде таков налог на целосниот дипломатски систем“, кажа претходно Додик, објаснувајќи дека лично ќе гласа против воведување санкции против Русија кога и ако тоа прашање дојде на дневниот ред на некоја од седниците на Претседателството на БиХ, кое е единственото надлежно тело за водење на надворешната политика во земјата.
Но, дипломатската мрежа на БиХ реагира од случај до случај, па така дипломатските мисии и амбасадорите кои ги поставил Додик доследно ја спроведуваат неговата политика, додека другите босански амбасадори дејствуваат на линија на политиката на Западот.






