Акциите на компанијата паднаа во вторник по извештаите дека Мета планира да потроши милијарди долари на чипови за ВИ развиени од Гугл за своите центри за податоци, пишува Би-би-си.
Во соопштението на социјалната мрежа Икс, Енвидиа, највредната компанија во светот, изјави дека нејзината платформа е единствената која „го подржува секој модел на ВИ и го прави тоа насекаде каде што се врши компјутерска работа“.
Како одговор, Гугл изјави дека е посветен на „поддршката и на сопствените и на чиповите на Енвидиа “.
Чиповите на Енвидиа станаа клучен дел од центрите за податоци што стојат зад многу од најпопуларните алатки за ВИ, како што е ЧетГПТ. Во октомври, таа стана првата компанија во историјата чија вредност е проценета на 5 трилиони долари.
Американската компанија се обидува да го прошири своето влијание во последните месеци, па во октомври објави договор за испорака на некои од своите најнапредни чипови за ВИ на јужнокорејската влада и компаниите Самсунг, Ел-џи и Хјундаи.
Гугл моментално изнајмува пристап до своите чипови, наречени тензорски единици за обработка (ТПУ), на девелопери на вештачка интелигенција преку својата платформа Гугл клауд. Со други зборови, овие чипови не се продаваат на надворешни клиенти, туку се резервирани за сопствените центри за податоци на технолошкиот гигант.
Меѓутоа, ако неодамнешните извештаи се точни – дека технолошката компанија би можела да биде во преговори да ги продаде своите чипови за напојување на други центри за податоци – тоа би претставувало значителна промена на пазарот.
Веста ги намали акциите на Енвидиа за речиси 6% во вторник, додека акциите на Алфабет, матичната компанија на Гугл, пораснаа за речиси ист процент. Неколку часа по падот, производителот на чипови објави на Икс дека сè уште нуди „повисоки перформанси“ и „разновидност“ од типовите чипови што ги произведува Гугл.
Во текот на изминатата година, и Амазон и Мајкрософт објавија дека развиваат свои сопствени чипови за вештачка интелигенција.
Дејм Венди Хол, професорка по компјутерски науки на Универзитетот во Саутемптон, изјави за програмата Тудеј на Би-би-си дека веста за потенцијален договор помеѓу Гугл и Мета е „здрава“ за пазарот. „Во оваа област се слеваат инвестиции“, рече таа. „Во моментов нема реална заработка од таа инвестиција, освен за Енвидиа.“






