Би-би-си собра опсежни сведоштва од украински војници кои зборуваат за „катастрофалното“ повлекување под силен оган, уништени колони воена опрема и постојани напади од руски беспилотни летала.
Војниците, кои сведочеа преку социјалните мрежи, добија псевдоними заради заштита на идентитетот. Некои го опишаа „колапсот“ на украинската одбрана по загубата на Суџа, најголемиот град под нивна контрола.
Поради украинските ограничувања за патување на новинари во првите редови, не е можно да се добие целосна слика за ситуацијата. Но, петмина украински војници опишаа што се случувало за Би-би-си.
Пред точно осум дена „Володимир“ преку Телеграм испратил порака до Би-би-си дека сè уште е во Суџа, каде што владее „паника и колапс на фронтот“. „Украинските сили се обидуваат да заминат – колони војници и опрема. Некои се уништени од руски беспилотни летала на патот. Невозможно е да се замине во текот на денот“, напишал тој.
Трансферот на луѓе, логистика и опрема се свело на еден главен пат меѓу Суџа и украинската област Суми.
Володимир вели дека патот бил релативно безбеден за патување пред еден месец, но до 9 март „беше под постојан непријателски оган – беспилотните летала се присутни во секое време. Можете да видите два до три дрона во минута. Тоа е многу“.
„Целата наша логистика овде оди по еден пат, Суџа-Суми. Сите знаеја дека Русите ќе се обидат да го пресечат тој пат. Но, тоа беше изненадување за нашата команда“, рече тој. Во моментот кога ја испрати пораката, непосредно пред Русија да ја врати Суџа, Володимир рече дека украинските сили биле под притисок од три страни.
До 11 март, украинските сили се бореа да го спречат отсекувањето на главниот пат, изјави за Би-би-си „Максим“ на Телеграм.
„Пред неколку дена добивме наредба за организирано повлекување од одбранбените позиции“, рече тој, додавајќи дека Русија собрала значителна сила за да го врати градот, вклучително и „голем број севернокорејски војници“.
Воените експерти проценуваат дека Русија распоредила до 70.000 војници за да го заземе Курск, од кои околу 12.000 биле севернокорејски.
Русија ги испрати и своите најдобри единици за контрола на дронови, користејќи дронови камикази и т.н ФПВ (first-person view) варијанти за „преземање огнена контрола над главните логистички правци“. Овие дронови вклучуваат и модели поврзани со оптички кабли, што значи дека било невозможно да се блокираат со електронски контрамерки.
Максим рече дека, како резултат на тоа, „непријателските сили успеаа да уништат десетици парчиња опрема“, а остатоците „создадоа застој на патиштата за снабдување“.
„Антон“ ја опиша ситуацијата на 11 март како „катастрофална“. Третиот војник кој зборуваше за Би-би-си служел во командата на курскиот фронт.
Тој исто така го истакна ефектот на руските ФПВ дронови. „Порано имавме предност во беспилотните летала, сега веќе немаме“, рече тој, додавајќи дека Русија има предност во попрецизни воздушни напади и поголем број војници.
Антон рече дека патиштата за снабдување се прекинати. „Логистиката повеќе не функционира – веќе не се можни организирани испораки на оружје, муниција, храна и вода“, напиша тој. Успеал да замине од Суџа пеш, ноќе. „За малку ќе настрадавме неколку пати. Дронови постојано се на небото“.
Тој предвиде дека Украина ќе ја изгуби позицијата во Курск, но дека „од воена гледна точка, операцијата Курск повеќе нема смисла. Нема смисла да се продолжи да се задржува“.
Russia: The Russian fascists have retaken control of downtown Sudzha in Kursk region. The major offensive began immediately after the US administration cut off Ukraine from US intelligence, leaving Ukrainians effectively blind. pic.twitter.com/Z8AMNyzHWX
— Igor Sushko (@igorsushko) March 12, 2025
Западните власти проценуваат дека Украина распоредила околу 12.000 војници во операцијата Курск, вклучително и некои од најдобро обучените единици со западно оружје, вклучувајќи тенкови и оклопни возила.
Руски воени блогери објавија снимки на кои се гледа како некои од овие возила се уништени или заробени. На 13 март Русија објави дека ситуацијата во Курск е „целосно под контрола“ и дека Украинците „оставиле голем дел од својата опрема зад себе“.
Во објави на социјалните мрежи на 11 и 12 март, четвртиот војник, „Дмитро“, го спореди повлекувањето од фронтот со „сцена од хорор филм“.
„Патиштата се преполни со стотици уништени автомобили, оклопни возила и теренски транспортери. Има многу ранети и мртви“, напиша тој. Возилата често биле цел на повеќе беспилотни летала во исто време, рече тој.
Тој раскажа како едвај преживеал откако возилото во кое се наоѓал се заглавило во калта. Додека се обидувале да го извлечат, биле нападнати од ФПВ дрон. Дронот го промашил возилото, но повредил еден од неговите соборци. Дмитро и другите морале да се кријат во шума два часа пред да бидат спасени.
Тој рече дека многу Украинци се повлекле пеш, „одејќи 15 до 20 километри“. Ситуацијата, вели тој, премина од „тешка и критична“ во „катастрофална“.
Во пораката на 14 март тој додаде: „Сè е готово во регионот Курск… операцијата не беше успешна“. Тој процени дека илјадници украински војници се убиени од почетокот на операцијата во август.
Петтиот војник беше нешто пооптимист. „Артем“ на 13 март испрати порака од воена болница, каде што се лекува од повреди од шрапнел по напад со дрон. Артем бил во борбите позападно, во близина на селото Локња, каде што украинските сили „дале жесток отпор и се бореле како лавови“.
Тој смета дека операцијата имала одреден успех. „Важно е што вооружените сили на Украина ја создадоа оваа безбедносна зона, благодарение на која Русите не можат да влезат во Суми“, рече тој.
Украинскиот врховен командант Олександар Сирски тврди дека украинските сили се повлекле на „поповолни позиции“, дека сè уште се присутни во Курск и дека ќе останат „се додека има смисла“.
Сепак, од првичните 1.000 km² освоени во Русија, се проценува дека две третини се изгубени. Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави дека операцијата Курск ја „исполнила својата мисија“ принудувајќи ја Русија да ги повлече силите од исток и да го намали притисокот врз Покровск.
Сепак, сè уште не е јасно која цена ја плати Украина за операцијата во Курск.






