Разумков рече дека законот бр. 12076, усвоен на 3 декември, содржи одредба што им овозможува на жените што ги исполнуваат здравствените и возрасните критериуми да аплицираат за воена служба како резервисти и да ја поминат основната воена обука, објави украинскиот портал Страна њуз. Разумков повика на отстранување на таа одредба пред второто читање на законот.
Доколку се усвои, оваа промена би можела значително да влијае на ситуацијата во украинската војска и да овозможи регрутирање жени за учество во војната. Според предложените измени на Законот за воена регрутација и воена служба, жените што сакаат да служат во украинската армија може да бидат регрутирани и запишани во резервниот регистар.
Сепак, дел од предлогот предизвика критики, вклучително и од Главната научна и стручна управа на Канцеларијата на Врховната рада, која посочи дека „не е соодветно да се регистрираат жени како резервисти непосредно пред почетокот на основната воена обука“.
Според сегашниот украински закон, во војска се регрутираат мажи постари од 25 години. Законот дозволува жените да волонтираат, но не и задолжително да се мобилизираат.
Украинската пратеничка Маријана Безухлаја силно ги поддржува измените. „Во нашиот Устав нема два типа граѓани. Во моментов постои незаконска дискриминација на мажите. Освен тоа, ако се мобилизираат жени, ќе се мобилизираат помалку мажи – тоа е една од причините зошто вие, мажите, ја поддржувате мобилизацијата на своите сограѓанки“, рече таа.
Безухлаја предложи жените првично да се мобилизираат за заднински позиции, како што се административни службеници, персонал и улоги во безбедносните единици, за да може мажите да се пренасочат на борбените позиции на првите линии.
„Војната не смее да биде одговорност само на избраните“, напиша Безухлаја. Особено кога станува збор за опстанокот на една нација и правото на живот, а не само за територии или сфери на влијание“.
Таа додаде дека без општ национален отпор, Украина не може да постигне победа и заклучи: „Без мобилизација на жените, ќе биде тешко да се реши овој хаос во редовите на нашата армија“.
Од 2014 година, кога Русија го анектираше Крим, Украинките доброволно се приклучија во одбраната на земјата. Во тоа време во украинските вооружени сили имало 50.000 жени, од кои 16.500 служеле во воени операции. Според податоците на украинската влада, во почетокот на 2024 година, жените сочинувале 7,3 отсто од вкупните вооружени сили, односно 62.000 жени служеле во армијата, а повеќе од 45.000 од нив биле на активна воена должност.
Во почетокот на оваа година, повеќе од 4.000 жени служеле во борбени улоги, а имало и над 7.000 офицери, 12.000 подофицери, 23.000 жени војници и 5.000 жени на високи командни позиции. Од почетокот на војната, бројот на жените во украинската војска е зголемен за 30 отсто, објави Њујорк тајмс.
Пред војната, жените најчесто служеле како медицински персонал, во администрација или логистика, но денес тие може да бидат возачи, командантки на борбени возила, митралескињи, снајперистки или командантки на разузнавачки групи.
Украинската воена опрема е приспособена за жени. Минатата година Министерството за одбрана го одобри првиот панцир наменет за жени, а беа воведени и воени униформи приспособени за жени.