„Треба да ги искористиме сите можности за да спречиме влошување на односите меѓу Европа и САД. Реалноста е потешка од порано, промената е видлива со голо око. Геополитичката промена во Вашингтон кога станува збор за односот на администрацијата кон војната, кон Русија, ни поставува нови предизвици. Тоа е потешка и поинаква реалност, но нема што да се навредуваме, само треба да се справиме со тоа“, рече Туск синоќа во интервју за полската приватна телевизија ТВН24.
И покрај критиките дека средбата на полскиот претседател Анджеј Дуда со американскиот претседател Доналд Трамп минатиот викенд била „дипломатско фијаско“ и понижување бидејќи Трамп го оставил Дуда да чека повеќе од еден час, а потоа занего издвоил само седум минути, Туск рече дека напорите на Дуда заслужуваат почит.
„Секој, без исклучок, е должен да се обиде да го убеди претседателот Трамп во нашите ставови. Трамп е многу потежок партнер од кој било американски претседател. Да не бидеме хистерични, ова не е крај на светот. Но да не живееме под илузијата дека сме некакви љубимци во оваа нова поделба на картите“, рече Туск.
Тој додаде дека Полска е во подобра ситуација од некои други сојузници, но нема простор за залажување бидејќи „за новата американска администрација Европа не е центарот на светот, а Украина не е главниот проблем“, рече премиерот.
Туск, чија земја претседава со Европската Унија до крајот на јуни, апелираше до полските политичари без исклучок и без илузии да пристапат кон односите со САД и со силен акцент на полските интереси.
„ЕУ и САД, тоа е Западот во политичка и цивилизациска смисла. Тоа се човековите права, слободата, почитувањето на другите народи, почитувањето на суверенитетот и границите. Мораме да го одбраниме тоа“, рече Туск.