петок, 20 февруари 2026

Трамп му се закани на Иран дека ќе се случат „стварно лоши работи“ ако не постигнат договор во наредните 15 дена

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп му се закани на Иран дека мора да постигне договор за својата нуклеарна програма во наредните 10 до 15 дена или ќе се случат „стварно лоши работи“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Техеран се закани со одмазда доколку биде нападнат.

Иако Соединетите Американски Држави трупаат војска и воена опрема во регионот околу Иран, Трамп изјави дека преговорите одат добро, но побара Техеран да постигне „значаен“ договор.

„Во спротивно, ќе се случат лоши работи“, рече Трамп, кој повеќепати се закануваше со напад врз Иран. Зборувајќи за бомбардирањето на Иран минатото лето, тој рече дека нуклеарниот потенцијал на Иран е драстично намален и додаде: „Можеби ќе мора да одиме чекор понатаму, а можеби и не“.

„Веројатно ќе дознаете во наредните 10 дена“, рече Трамп.

Подоцна, кога новинарите побараа појаснување за временската рамка, тој рече дека мисли оти 10 до 15 дена треба да бидат доволни за договор и дека тоа е максимумот.

Во писмо до генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, властите во Техеран наведоа дека нема да започнат никаква војна, но ако врз нив биде извршена воена агресија, „Иран ќе одговори решително и пропорционално“.

„Сите бази, објекти и имот на непријателската сила во регионот ќе бидат легитимни цели“, се наведува во писмото.

„Соединетите Американски Држави ќе сносат целосна и директна одговорност за какви било непредвидливи и неконтролирани последици“, додадоа тие, пренесе Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ