Иако просечната цена од 4,16 долари за галон е за 37 центи пониска од пред еден месец, таа сепак е за околу еден долар повисока од истиот период минатата година. Американскиот претседател се соочува со јавно незадоволство поради наглото зголемување на цените на горивата од почетокот на агресијата на САД и Израел против Иран на крајот на февруари. Трамп постојано се обидуваше да ја намали важноста на зголемувањето на цените, но проблемот останува во фокусот на гласачите пред клучните избори на средината на мандатот во ноември.
Во разговор со новинарите утрово Трамп кажа дека администрацијата обезбедува „големи количества нафта што доаѓаат од Ормускиот теснец“, еден од најважните морски премини во светот низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта.
Сепак, тој теснец е речиси целосно затворен од почетокот на војната. Американскиот претседател ја даде изјавата во Њујорк, откако присуствуваше на третиот натпревар од финалето на НБА, каде што публиката во салата Медисон сквер гарден гласно го исвирка кога се појави на големите екрани.
Цените се уште се значително повисоки отколку што беа пред почетокот на војната против Иран. Цените на нафтата и гасот скокнаа откако Ормускиот теснец беше практично затворен претходно оваа година, откако Иран им се закани на бродовите во областа, а поморските осигурители ги откажаа полисите што покриваат воен ризик.
Трамп истакна и дека цените на бензинот сè уште се пониски отколку за време на администрацијата на Бајден, „и тој не ја спречи земјата да има нуклеарно оружје“. Рекордно високите цени на бензинот во 2022 година беа влошени од војната во Украина, која ги намали глобалните залихи на нафта.
Силниот пораст на цените на енергијата во голема мера придонесе за зголемување на инфлацијата на 3,8 проценти минатиот месец, што е највисока стапка забележана од 2023 година. Американците ги чувствуваат ефектите од високите трошоци за енергија во други области од секојдневниот живот, како што се цената на намирниците и авионските билети.
Според Мудис аналитика, војната и високите цени на енергијата што произлегоа од неа ги чинат американските домаќинства околу 100 милијарди долари. Бирото за статистика на трудот треба да ги објави податоците за инфлацијата за мај во среда наутро, а економистите очекуваат дека тие ќе покажат дека инфлацијата останува висока.
Тој извештај веројатно ќе влијае на одлуката на Федералните резерви на САД (Фед) на состанокот закажан за следната недела. Новиот претседател на централната банка Кевин Ворш и остатокот од одборот на гувернери ќе одлучат за можна промена на каматните стапки во контекст на зголемена инфлација и релативно силниот пазар на труд.






