Откако припадниците на Третиот пешадиски полк (РС) на вооружените сили на БиХ предадоа рапорт до претседавачката со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, почна интонирањето на химната на БиХ. Тогаш Додик, Гашиќ, Стевандиќ и министерот за научно-технолошки развој и високо образование Жељко Будимир седнаа, а Цвијановиќ и премиерот на ентитетот РС Радован Вишковиќ останаа да стојат за време на интонирањето на националната химна на Босна и Херцеговина.
Потоа почна изведбата на химната на РС, „Моја Република“, па Додик, Стевандиќ и Гашиќ станаа.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ присуствуваа на церемонијата и покрај тоа што министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, претходно издаде наредба до војската да не им дозволи да влезат во воените локации на вооружените сили на БиХ.
Како што е наведено, Хелез се повикал на Законот за одбрана на БиХ, со цел „да се елиминира политичкото влијание на непречениот живот и работа на вооружените сили на БиХ, дестабилизација на вооружените сили и евентуално губење доверба кај граѓаните во вооружените сили на БиХ“.
Судот на БиХ распиша внатрешна потерница по нив тројца поради неодговарање на поканата од Обвинителството на БиХ, кое ги товари за „напад врз уставниот поредок на БиХ“.
Вишковиќ, Стевандиќ и Додик речиси два месеци одбиваат да се појават пред Судот на БиХ на сослушување, на што му претходеше неправосилна пресуда против Додик, поради непочитување на одлуките на високиот претставник, во која беше осуден на затворска казна од една година и шест години забрана за вршење на претседателската функција.