Порталот Вечерњи лист, изданието за БиХ (večernji.ba), прецизира дека станува збор за најавите за средбата на Зукан Хелез со амбасадорот и нерезидентниот воен аташе на Исламската Република Иран, Махмуд Мохагег Поур.
Во писмото, кое наводно стигнало од канцеларијата на американскиот државен секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет, се предупредува на последиците, не само за Хелез, туку и за цела Босна и Херцеговина, која би можела да ги изгуби привилегиите од партнерството со САД.
Хелез, како што се наведува, со состанокот со иранскиот воен аташе за БиХ ја направил истата грешка како и поранешната министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, која беше домаќин на иранскиот министер за надворешни работи на крајот од 2022 година.
„САД нема да се колебаат да преземат мерки против неирански ентитети кои придонесуваат или на кој било начин ги поддржуваат програмите за пролиферација на Техеран. Ќе ги користиме сите расположливи алатки, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на санкции и контрола на извозот, за да ги попречиме активностите на Иран поврзани со пролиферацијата“, се наведува во писмото.
Пролиферацијата во овој контекст, се нагласува, е ширење на опасни или деструктивни технологии, како оружје за масовно уништување.
Во писмото, американските претставници наведуваат дека соработката со режимот во Техеран би можела да му овозможи на Иран пристап до финансиски ресурси и политичко влијание, кои би ги користел за проширување на дестабилизирачки активности, вклучително и ширење на тероризам, поддршка за регионални посредници и соработка со организирани криминални групи.
Покрај тоа, понатаму се наведува дека преку оваа соработка, Иран би можел значително да го зголеми своето присуство во Босна и Херцеговина, што би му овозможило дополнително да го дестабилизира не само Блискиот Исток, туку и поширокиот регион.
Се додава дека иранските испораки на оружје, воена опрема и поврзани материјали до конфликтните зони низ целиот свет претставуваат континуирана закана за меѓународната безбедност.
Американската администрација јасно истакнува дека секоја форма на соработка со Иран, која вклучува воена опрема или каква било форма на поддршка за иранските воени структури, ќе се смета за сериозна закана, што не само што ја загрозува безбедноста на БиХ, туку и на меѓународните односи и може да доведе до воведување санкции и губење на сите привилегии што БиХ моментално ги има во рамките на соработката со САД.