„Овој пакет безбедносна помош издвојува дополнителни 988 милиони долари поддршка преку Украинската иницијатива за безбедносна помош, кој на Украина ќе ѝ обезбеди муниција за ракетните системи и беспилотните воздушни системи“, се наведува во соопштението.
Се додава дека новиот пакет вклучува поддршка за програмите за одржување и поправка, за да ѝ се помогне на Украина да ги реконструира своите сили и да ја одржи борбената моќ.
Се наведува дека пакетот вклучува муниција за артилериските ракетни системи со висока подвижност ХИМАРС, беспилотните воздушни системи и опрема, компоненти и резервни делови за одржување, поправка и ремонт на артилериски системи, тенкови и оклопни возила.
Станува збор за 22 пакет помош за Киев од владата на Соединетите Американски Држави на Џо Бајден.
„Соединетите Американски Држави ќе продолжат да работат со сојузниците и партнерите преку Одбранбената контакт група за Украина за да ѝ пружат поддршка на Украина за победа во војната“, се додава во соопштението.
Вашингтон на Киев до сега му испрати над 62 милијарди долари воена помош од почетокот на конфликтот со Русија во февруари 2022 година.