Орбан редовно се судира со Брисел околу миграциската политика и ограничувањата на правата на ЛГБТ+ заедницата во последните 15 години, а е обвинет и за поткопување на демократијата. ЕУ суспендираше милијарди евра наменети за Унгарија бидејќи спорот за владеењето на правото продолжува да се одолговлекува.
„Усвојувањето на нов седумгодишен буџет бара едногласна потврда и додека не ги добиеме преостанатите (замрзнати) средства, нема да има нов буџет“, изјави Орбан на универзитет во романскиот град Баиле Туснад.
Европската комисија неодамна предложи буџет за периодот 2028-2034 година од два трилиони евра, со акцент на одбраната и економската конкурентност.
„Овој буџет ќе ја уништи Европската Унија. Не верувам дека овој вид буџет ќе опстане до следната година“, рече тогаш Орбан во изјава за унгарското радио Кошут.
Тој денеска ја критикуваше и ЕУ за поддршката на Украина и го обвини Брисел дека сака да постави „проукраинска и пробриселска влада“ во Унгарија на изборите следната година. Орбан изјави дека сегашното раководство на ЕУ го води блокот кон трговска војна во која Европа „не може да победи“.
Тој повторно ги обвини „светските бирократи“ дека сакаат да извлечат пари од Европа за Украина, наведувајќи дека буџетот за новиот седумгодишен период предвидува и отворени и скриени средства за процесот на пристапување на Украина во ЕУ, иако сè уште не е донесена официјална одлука за нејзиното членство.
Орбан, исто така, ги осуди планираните намалувања во земјоделскиот сектор, прашувајќи дали тоа значи дека милиони земјоделци низ Европа ќе бидат напуштени.






