понеделник, 8 декември 2025

Новиот мост на Ибар: еден месец до крајот на изградбата, Србите во страв од меѓуетнички конфликти

Изградбата на новиот мост преку реката Ибар кој ги поврзува Северна и Јужна Митровица е во полн ек. Останува помалку од еден месец до крајниот рок за завршување што го објави премиер на Косово во технички мандат Албин Курти на церемонијата на поставувањето камен-темелник.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Работите се изведуваат со забрзано темпо, и покрај повиците од Европската Унија и амбасадите да не се преземаат еднострани чекори, и покрај петицијата потпишана од повеќе од 3.600 Срби и доставена до претставници на западните земји, мисиите на Кфор, Еулекс, Европската Унија, ОБСЕ и Унмик во која се изразува незадоволството на граѓаните од едностраната одлука на Приштина. Изградбата на новиот мост дури и не била дискутирана од советниците на Општинското собрание на Северна Митровица.

Заменик министерот за инфраструктура во технички мандат, Хисен Дурмиши, вчера се пофали на Фејсбук дека е завршена уште една фаза од изградбата на новиот мост со поставување на главните греди.

„Поминаа еден месец и два дена откако почнавме. Бетонските столбови, темелите и столбовите на мостот се излиени, подготвени, зајакнати и бетонирани. Поставени се 18 греди, кои беа подготвени, зајакнати и бетонирани во работилница во Баир во близина на Митровица“, напиша Дурмиши, додавајќи дека „мостот ќе биде подготвен за сообраќај и пешаци во септември“.

Дека ќе се градат нови мостови преку Ибар најави Аљбин Курти набрзо откако беше формиран комитетот на Северна и Јужна Митровица, составени од советници Албанци од двете општини. Курти го постави камен-темелникот на 1 јули и го најави отворањето на мостот во септември.

Главниот мост преку Ибар, кој се наоѓа на само 200 метри од оној што е во изградба, е затворен за сообраќај од доаѓањето на меѓународните сили во Косово и Метохија во 1999 година, по бројните меѓуетнички судири што се случија за време на обидот на Албанците насилно да преминат во северниот дел од тогаш обединетата Косовска Митровица. Токму ова предизвикува страв кај Србите, дека Албанците ќе се обидат повторно со она што веќе го правеа пред 26 години. Бројните судири подоцна доведоа до поделба на градот, а потоа и до формирање на две одделни општини – Северна и Јужна Митровица.

На мостот е стациониран контролен пункт на италијанските карабинери од Кфор, додека пешаците и велосипедистите можат да поминуваат непречено.

Покрај главниот мост преку Ибар, Северна и Јужна Митровица се поврзани со уште три моста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ