„Сакам тоа многу јасно да го кажам“, кажа Нетанјаху како одговор на новинарско прашање. „Една недела велат дека Израел ги контролира Соединетите Американски Држави. Една недела подоцна велат дека Соединетите Американски Држави го контролираат Израел. Тоа е глупост“.
„Имаме партнерство, сојуз на партнери кои делат заеднички вредности и заеднички цели. Можеме да водиме дискусии, можеме да имаме несогласувања тука и таму, но генерално, морам да кажам дека во изминатата година имавме договор – договор не само за целите, туку и за тоа како да ги постигнеме“.
Нетанјаху додаде дека Израел успеал да „стави нож на грлото на Хамас“ благодарение на воените напори кои ги предводел, додека американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим работеле „брилијантно“ за да го изолираат Хамас во арапскиот и муслиманскиот свет.
Слични коментари даде и потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, нагласувајќи ја американската перспектива за односите. „Не сакаме сателитска држава, што Израел не е. Сакаме партнерство. Сакаме сојузник тука“, кажа Венс.
Како што пишува Тајмс оф Израел, Венс објасни дека американскиот претседател верува дека Израел, заедно со своите арапски сојузници во Заливот, може да преземе водечка улога во регионот.
„Тоа не значи дека немаме интерес тука. Но, всушност го гледаме како можност да се гради врз основа на Абрахамовите договори… она што би можело да се овозможи е федерална структура на Блискиот Исток што ќе преживее, што ќе трае, што ќе им овозможи на добрите луѓе во овој регион од светот да преземат иницијатива и да ја преземат одговорноста за сопствениот двор“, заклучи Венс.
„Ние донесуваме одлуки за безбедноста на Израел. Но, донесуваме заеднички одлуки за регионот што, мислам, можат да им послужат и на двете страни“, додаде Нетанјаху.






