четврток, 29 мај 2025

На Обединетите нации им се заканува банкрот

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, најави намалување на буџетот на глобалната организација од 600 милиони долари, што претставува дури 17 отсто од планираните средства, со цел да се спречи целосен финансиски колапс оваа година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Реорганизацијата, според Економист, вклучува замрзнување на вработувањата и дополнителни намалувања на трошоците кои некои службеници ги опишуваат како „преместување на работните места од Њујорк во Најроби“. Сепак, многумина веруваат дека ова нема да биде доволно.

Главната причина е зголемениот број членови кои не ги плаќаат членарините на време или воопшто не ги плаќаат.

ОН зависи од задолжителните придонеси од земјите-членки, кои се одредуваат врз основа на големината на нивните економии и кои покриваат клучните функции како одржувањето на Генералното собрание, мировните мисии и надзорот на човековите права. Додека доброволните прилози се наменети за хуманитарни проекти, основниот буџет е исклучително ранлив, истакнува Економист.

Во 2024 година, дури 15 отсто од приходите пристигнале дури во декември. Од вкупно 193 членки, 41 од нив не ги платиле своите задолжителни придонеси, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Кина, Аргентина и Мексико. Со тоа бил создаден дефицит од 760 милиони долари. Оваа година, само 49 земји платиле на време. ОН биле принудени да ги одложат плаќањата, да ги намалат секојдневните трошоци, но и за виталните мисии, како што се истрагите за злосторствата во Судан и Украина.

Особена загриженост во врска со евентуален финансиски колапс предизвикува неодамна протечениот документ во кој се сугерира дека Америка целосно треба да го прекине својот придонес во финансирањето на ОН.

Откако ја презема функцијата, Доналд Трамп го замрзна финансирањето на меѓународните организации и им нареди на службениците да го преиспитаат учеството на САД, вклучително и во Обединетите нации.

САД веќе им должат на ОН околу 3 милијарди долари, што е под прагот од Повелбата на ОН, според кој членка која не плаќа две години го губи правото на глас во Генералното собрание. Сепак, доколку плаќањето се пропушти и во следните години, САД би можеле да останат без право на глас во 2027 година.

Гутереш, во пресрет на конференцијата што треба да се одржи во Севиља во јуни, на која ќе се дискутира за системските реформи, призна дека е потребно да се „надминат бројните предизвици“ и ги повика сите земји да учествуваат.

Според интерен документ на Обединетите нации, во кој Ројтерс имале увид, САД се обидуваат да го ослабнат целиот глобален договор насочен кон помагање на земјите во развој кои се борат со последиците од климатските промени и други проблеми.

Администрацијата на Трамп, според британската агенција, исто така се спротивставува на нацрт-реформите на светскиот финансиски систем насочени кон помагање на земјите во развој, вклучувајќи ги реформите во оданочувањето, кредитниот рејтинг и субвенциите за фосилни горива. Исто така, се бара термини како „клима“, „родова еднаквост“ и „одржливост“ да бидат исфрлени од документите. Меѓу специфичните точки поврзани со системските реформи, документот покажува дека САД сакаат да се отстрани референцата „пакет реформи“ за одржлив развој.

Ваквите промени во формулациите укажуваат на степенот на заедничка посветеност што подоцна може да послужи како основа за дејствување или недостаток на дејствување во идните преговори.

Кога станува збор за годишниот буџет на ОН, САД и Кина придонесуваат со по околу 20%. Сепак, обете земји станаа несигурни. Америка доцни со плаќањата со децении, а за време на првиот мандат на Доналд Трамп, дури и не ја плати целата сума. Минатата година, Кина плати само четири дена пред крајот на буџетската година, предоцна за да се искористат парите. Според правилата на ОН, неискористените средства им се враќаат на сите членови, вклучително и на оние кои не ја платиле членарината, па затоа доцните плаќачи не само што го оптоваруваат тековниот буџет, туку и ги намалуваат идните ресурси.

Се предвидува дека во 2026 година ОН ќе мора да вратат дури 300 милиони долари што пристигнале предоцна во 2024 година, а во 2027 година таа сума ќе се удвои на 600 милиони, што е 17 отсто од буџетот.

Поради ригидните правила, ОН не можат да позајмуваат. Засега, кризата се покрива од резерви, но тоа повеќе не е одржливо. Неплатените членарини од 2024 година се за 60 отсто повисоки од износот што ОН лесно може да го апсорбираат, со што се исцрпуваат сите монетарни резерви.

Гутереш во февруари предупреди дека парите за плати и мировни мисии би можеле да завршат до септември. Доколку трендот продолжи, ОН се соочува со најлошата криза од своето основање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ