петок, 5 декември 2025

„Мораме да го заштитиме Володимир“

Германскиот магазин Шпигл дошол до белешки од конференцискиот повик на лидерите на ЕУ, кои покажуваат колку малку Европа му верува на Вашингтон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Францускиот претседател и германскиот канцелар изразиле сериозен скептицизам во поглед на напорите на американската влада и нејзините претставници да издејствуваат мир помеѓу Украина и Русија, покажува транскрипт од доверлив разговор до кој дошол германскиот магазин Шпигл.

Во вчера објавениот напис Шпигл наведува дека во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други европски лидери, францускиот претседател Емануел Макрон предупредил дека Соединетите Држави би можеле да ѝ свртат грб на Украина кога станува збор за територијалните отстапки и гаранциите потребни за постигнување каков било договор.

„Постојат шанси САД да ја предадат Украина по прашањето на територијата, без јасни безбедносни гаранции“, рекол Макрон, според наводите на магазинот.

Во разговорот одржан во понеделникот, германскиот канцелар Фридрих Мерц го предупредил Зеленски дека американските преговарачи, што најверојатно се однесува на Стив Виткоф и Џеред Кушнер, „си играат игри“ и дека треба да биде „многу претпазлив“ во следните денови, наведува Шпигл.

Овие и други изјави ја покажуваат длабоката недоверба на Европејците кон двајцата претставници на Доналд Трамп, а германскиот магазин истакнува дека белешките покажуваат дека истото важи и за другите учесници во разговорот, иако европските функционери постојано ја фалат новата мировна иницијатива на Вашингтон.

Финскиот претседател Александар Стуб, еден од ретките Европејци што имаат добар однос со Трамп, исто така, како што се наведува, предупредил на преговарачкиот двоец. „Не смееме да ги оставиме Украина и Володимир сами со овие момци“, рекол тој во еден момент од разговорот. Дури и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој во јавноста многу пофално зборува за Трамп, наводно рекол дека се согласува со Александар „дека мораме да го заштитиме Володимир“.

Според Шпигл, покрај Макрон, Мерц, Руте и Стуб, учесници во доверливиот европски конференциски повик биле и полскиот премиер Доналд Туск, италијанската премиерка Џорџа Мелони, данската премиерка Мете Фредериксен, норвешкиот премиер Јонас Гар Стере, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.

Во доверливиот разговор се расправало и за евентуална употреба на замрзнатиот руски имот за финансирање на Украина. Учесниците повеќепати нагласиле дека на американската страна мора јасно да ѝ се стави до знаење дека прашањето за замрзнатата имотна вредност е исклучиво во надлежност на ЕУ. Во авторски текст за влијателниот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, објавен во средата, Мерц повтори дека Европа не може „да им препушти на други, неевропски држави да одлучуваат што ќе се случи со финансиската имотна вредност на агресорот што е законски замрзната во рамките на нашата правна јурисдикција и во нашата сопствена валута“.

Кога биле контактирани за коментар, неколку учесници потврдиле за германскиот магазин дека разговорот навистина се одржал. Двајца учесници рекле дека содржината на повикот е точно пренесена, но не сакале да ги потврдат поединечните цитати, бидејќи станува збор за доверлив состанок. Портпаролот на Зеленски рекол дека не сака да коментира ниту еден дел од содржината.

Париз, сепак, негираше дека Макрон зборувал за претстојното американско предавство. „Претседателот не се изрази со тие зборови“, соопшти Елисејската палата. Сепак, кабинетот на претседателот одбил да му даде на Шпигл информации за тоа како Макрон всушност се изразил на состанокот, повикувајќи се на доверливоста на разговорот.

Наместо тоа, кабинетот упатил на прес-конференцијата што Макрон ја одржа заедно со Зеленски во понеделникот во Париз. Таму францускиот претседател користеше многу поинаков тон кога зборуваше за американските функционери. Во обраќањето пред новинарите Макрон повеќепати ја нагласи позитивната улога што ја имаат Соединетите Држави. Американското посредување, рече тој, претставува „многу добра работа“, додавајќи дека на тој начин се зголемува притисокот врз Русија.

Од кабинетот на германскиот канцелар вчера соопштија дека нема да коментираат „наводни исечоци од разговорот“. Функционерите рекоа дека Мерц „веќе опширно и јавно“ се изјаснил за телефонскиот повик и притоа нагласил колку се важни мобилизацијата на замрзнатиот руски имот и трансaтлантската соработка.

Говорејќи за Соединетите Држави, Мерц на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Туск, во почетокот на неделата во Берлин, рече дека „ја одржуваме трансатлантската заедница обединета колку што е можно“.

Конференцискиот разговор на шефовите на држави и влади се одржал во понеделникот, а на консултациите на Европејците со Зеленски им претходеле разговори за време на викендот меѓу високиот украински безбедносен функционер Рустем Умеров и Трамповите преговарачи, Виткоф и Кушнер, со присуство на државниот секретар Марк Рубио, на Флорида.

Во доверливиот разговор Мерц, Макрон и другите шефови на влади очигледно сè уште негувале надеж дека ќе организираат состанок со Виткоф и Кушнер во средата, по нивната средба со Путин во вторникот во Кремљ. Мерц понудил да го замоли Трамп да го испрати Виткоф во Брисел. Исто така, дискутирале дали шефовите на држави и влади („лидерите“) треба да присуствуваат на таков состанок и дали тој би можел да се одржи во седиштето на НАТО или во просториите на ЕУ. Италијанската премиерка Мелони, според сè, била против. Финскиот претседател Стуб, сепак, зборувал во прилог на тоа.

Виткоф во средата од Москва отпатува директно назад во САД; состанокот со европските безбедносни советници во средата не бил реализиран. Сепак, тие истото попладне повторно се сретнале со главниот украински преговарач Умеров во Брисел, како што соопшти владата во Киев, додавајќи дека Умеров и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов сега треба да подготват нов состанок со американските претставници во САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ