Според анкетата, 35 проценти од испитаниците рекле дека можат да замислат да гласаат за АфД. Тоа е шест процентни поени повеќе од моменталната поддршка на партијата и доволно за да се надмине изборниот потенцијал на Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ на канцеларот Фридрих Мерц.
Во истата анкета, испитаниците одговориле за која партија би гласале ако се одржат избори следната недела. АфД е прва со 29 проценти поддршка, со што дополнително ја консолидираше предноста што ја имаше со месеци.
ЦДУ/ЦСУ падна на 21 процент, што е повеќе од седум процентни поени помалку отколку на изборите во февруари 2025 година.
Резултатите доаѓаат во време кога популарноста на Мерц продолжува да опаѓа поради незадоволството од економската состојба, конфликтите во рамки на владејачката коалиција околу буџетските приоритети и контроверзните реформи.
Во последните недели, притисокот врз канцеларот е во пораст. Во Берлин, неколку илјади демонстранти неодамна се собраа за да побараат негова оставка, со антиимигрантски пораки и слогани поврзани со екстремната десница. Во исто време, истражувањето на Институтот Форса покажа дека дури 85 проценти од испитаниците се незадоволни од работата на Мерц, додека само 13 проценти од граѓаните го поддржуваат.
Во последните денови, германските медиуми известуваа и за шпекулации за можни предизвици за неговото лидерство во рамките на ЦДУ, иако владата ги отфрли таквите обвинувања.
Меѓу контроверзните теми се воената служба, пензискиот систем, даноците, здравствената реформа и можните намалувања на социјалните бенефиции.
Според најновото истражување на агенцијата Форса, само 14 проценти од испитаниците се задоволни од работата на Мерц, додека 84 проценти се незадоволни.
Во последните денови германските медиуми пишуваат за сè погласни шпекулации за можни внатрепартиски предизвици за неговото лидерство, иако владата ги отфрли таквите тврдења како шпекулации. Хендрик Вуст, премиерот на најнаселената германска федерална покраина Северна Рајна-Вестфалија, беше споменат во медиумите како потенцијален наследник.
На третото место се Зелените со 14,5 проценти поддршка, пред Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која има 12 проценти.
Левицата е на петтото место со 10,5 проценти поддршка.
Во исто време, речиси половина од испитаниците, 49 проценти од нив, рекле дека нема да гласаат за АфД под никакви околности. Од друга страна, 31 процент од испитаниците ја исклучуваат можноста да гласаат за ЦДУ/ЦСУ.
Алтернативата за Германија (АфД) е политичка партија основана во 2013 година, постојано опишувана како крајно десничарска, националистичка и популистичка од водечките меѓународни новински агенции како што се Ројтерс, Асошиејтед прес и Франс прес.
Партијата го изгради своето политичко влијание врз платформа на силно спротивставување на масовната имиграција и евроскептицизмот.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, АфД се профилираше како најгласен противник на испраќањето германско оружје на Киев и наметнувањето економски санкции врз Москва.
Поради ваквите позиции политичките противници и западните аналитичари редовно ги означуваат како проруска опција која директно ги застапува интересите на Кремљ во германскиот политички простор.
Алис Вајдел, докторка по економија со долгогодишно искуство во финансискиот сектор, е на чело на партијата како копретседателка (заедно со Тино Чрупала) и го предводи пратеничкиот клуб на АфД во федералниот парламент (Бундестагот). Таа се смета за една од најартикулираните, но и најконтроверзните личности на германската политичка сцена.






