Овој потег уследи по интервјуто за конзервативниот американски портал ПрагерУ, во кое Лајтер ги обвини противниците на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека шират обвинувања против него што може да се споредат со „ритуално злосторство“.
„Генералниот директор на Министерството за надворешни работи, Еден Бар-Тал, ќе го повика амбасадорот во Вашингтон Јехиел Лајтер на сослушување во врска со изјавите што ги дал за време на интервјуто“, се вели во соопштението на израелското министерство.
Лајтер е израелски дипломат и, како и другите дипломати, во принцип не треба да дава коментари за внатрешната политика во земјата каде што се наоѓа.
Во интервјуто, израелскиот амбасадор ги обвини „левичарските екстремисти“ и израелските медиуми дека сакаат да ја соборат владата, нарекувајќи ги обидите „клевета“ против премиерот Нетанјаху.
Тој рече дека некои критичари го обвинуваат Нетанјаху дека ја продолжува војната во Појасот Газа само за да остане на власт, што тој го нарече „лудост“ и „зла намера“.
Лајтер (65), поранешен советник на Нетанјаху, има американско потекло и живеел во населба на окупираниот Западен Брег.
Неговиот син Моше Лајтер, израелски офицер, беше убиен во ноември 2023 година во Појасот Газа, каде што израелската војска е во војна со Хамас од нападот на исламистичкото движење врз Израел на 7 октомври 2023 година.