Оттогаш, министерствата за надворешни работи на двете земји издадоа остри протести, а еден кинески дипломат предизвика бес откако, како што некои протолкуваа, се закани дека ќе ја обезглави јапонската лидерка.
Расправијата е одраз на историското непријателство меѓу Кина и Јапонија, како и дологодишната политика на „стратешка двосмисленост“ околу статусот на Тајван.
Тензиите започнаа минатиот петок за време на седницата на јапонскиот парламент, кога еден опозициски пратеник ја праша Такаичи кои околности во врска со Тајван би можеле да претставуваат „ситуација што го загрозува опстанокот на Јапонија“.
„Ако се користат воени бродови и вооружена сила, без разлика како гледате на тоа, тоа би можело да претставува ситуација што го загрозува нашиот опстанок“, одговори Такаичи.
Терминот „ситуација што го загрозува опстанокот“ е дефиниран во Законот за безбедност на Јапонија од 2015 година и се однесува на случај кога вооружен напад врз сојузниците на Јапонија претставува егзистенцијална закана за Јапонија. Во таков случај, Јапонија може да ги активира своите сили за самоодбрана.
Изјавата предизвика остра реакција од Пекинг, кинеското Министерство за надворешни работи ја нарече „скандалозна“. Еден ден подоцна, генералниот конзул на Кина во Осака, Сјуе Џиан, сподели статија за изјавата на премиерката на социјалната мрежа Икс и додаде коментар: „Валканата глава што се турка напред мора да се отсече“.
Иако „намерата на изјавата можеби не е целосно јасна“, главниот секретар на јапонскиот кабинет, Минору Кихара, ја оцени како „исклучително несоодветна“. Токио официјално протестираше против зборовите на Сјуе, додека Пекинг возврати со свој протест поради оние на Такаичи. Објавата на Сјуе оттогаш е отстранета, но тензиите не се намалија.
Такаичи не ги повлече своите зборови, велејќи дека тие се „во согласност со традиционалната позиција на јапонската влада“, но додаде дека ќе биде повнимателна во коментирањето на специфични ситуации во иднина.
Кинеско-јапонските односи се оптоварени со длабоки историски рани кои датираат од серија воени конфликти во 19 век и бруталната јапонска окупација на Кина за време на Втората светска војна.
Овие историски спорови сè уште се извор на тензии во билатералните односи денес. Доаѓањето на Такаичи на власт, политичкиот наследник на поранешниот премиер Шинзо Абе, сигнализира дека односите би можеле да станат уште позатегнати.
Конзервативната премиерка се залага за посилни врски со Соединетите Американски Држави и најави зголемување на јапонските воени трошоци, што предизвикува загриженост во Пекинг.
Такаичи е позната како остар критичар на Кина и долгогодишен поддржувач на Тајван. Претходно тврдеше дека кинеската блокада на островот би можела да ја загрози безбедноста на Јапонија и дека Токио би можел да ја мобилизира војската за да спречи кинеска инвазија.
Кина е исклучително чувствителна во врска со прашањето за Тајван, самоуправен остров што Пекинг го смета за дел од својата територија и не ја исклучува употребата на сила за да го преземе. Таквиот став предизвикува загриженост во Тајпеј и меѓу сојузниците во регионот.
Порано овој месец, Пекинг веќе ја обвини Такаичи за кршење на политиката „една Кина“ откако објави фотографии со висок тајвански функционер на маргините на самитот на АПЕК во Јужна Кореја.
Последната изјава на јапонската премиерка претставува исчекор од традиционално неодредената позиција на Токио за статусот на Тајван. Таа политика е усогласена со американскиот пристап на „стратешка двосмисленост“ – намерно нејасен став за тоа како САД би реагирале во случај на кинеска инвазија на Тајван.
Со децении таа двосмисленост служеше како облик за одвраќање на Кина, но исто така овозможи и продолжување на економските односи. Официјалниот став на јапонската влада е дека прашањето за Тајван треба да се реши по мирен пат преку дијалог, а јапонските претставници обично избегнуваат јавно да го споменуваат Тајван во безбедносни контексти. Секогаш кога го прават тоа, има силна реакција од Пекинг.
Во 2021 година, тогашниот заменик-премиер Таро Асо рече дека Јапонија треба да го брани Тајван заедно со САД во случај на кинеска инвазија, изјава што Пекинг ја осуди и му порача на Токио да „ја исправи својата грешка“.
Во најновата расправија, Министерството за надворешни работи на Кина ги опиша забелешките на Такаичи како „грубо мешање во внатрешните работи на Кина“. „Тајван е кинески Тајван“, рече портпаролот на министерството Лин Џиан на прес-конференција во понеделник, додавајќи дека Кина „нема да толерира никакво странско мешање“.
„Каква порака се обидува јапонската лидерка да им испрати на тајванските сепаратисти?“, праша Лин. „Дали Јапонија е подготвена да ја предизвика Кина и да го спречи нејзиното обединување?“






