Во изјава за весникот Вијести, Краповиќ реагираше на протестната нота од хрватското министерство за надворешни и европски работи испратена до Подгорица поради одлуката на црногорското министерство за одбрана за изработка на значки со ликот на училишниот брод „Јадран“.
Во нотата, Загреб тврди дека е подготвен да достави до црногорската страна „детална анализа и проценка на вредноста на сукцесиската маса на воен имот“, која, покрај „Јадран“, ги вклучува и „сите побарувања на Република Хрватска кон Црна Гора“ во согласност со Договорот за прашањата за сукцесија од 2001 година.
Хрватското министерство тврди дека според таа анализа, Црна Гора ѝ должи на Хрватска „повеќе од две милијарди американски долари“. Краповиќ рече дека досега, преку регионалните и меѓународните механизми за сукцесија, немало официјална потврда за долгот на Црна Гора „во износите споменати во медиумите“.
„Прашањата за сукцесија, вклучително и оние поврзани со воените средства, се многу сложени и бараат и билатерален и мултилатерален дијалог. Министерството за одбрана на Црна Гора е подготвено, во соработка со надлежните институции, да придонесе за секој конструктивен разговор што води кон трајни и меѓусебно прифатливи решенија“, изјави Краповиќ.
Тој додаде дека Црна Гора останува посветена на принципите на добрососедски односи, меѓусебно почитување и европска интеграција на регионот и верува дека сите предизвици од минатото можат да се надминат преку отворен и добронамерен дијалог.
Буџетот на Црна Гора за 2025 година изнесува 4 милијарди евра. Краповиќ нагласи дека верува оти немало потреба да се испрати протестна нота бидејќи значките за екипажот на училишниот брод Јадран се направени со цел да се промовира поморската традиција и важноста на тој брод за Црна Гора, без никакви скриени намери.
„Како што наведовме во соопштението за медиумите, министерството за одбрана и војската на Црна Гора создадоа нова серија значки специјално дизајнирани за екипажот на „Јадран“, како знак на почит кон долгата поморска традиција и важноста што бродот ја има за нашата земја“, кажа Краповиќ.
„Изработката на значките имаше единствена цел да го промовира овој важен симбол на поморската традиција и образованието на поморскиот персонал. Апсолутно никакви скриени пораки“, продолжи тој.
Тој истакна дека оваа одлука симболизира зачувување на црногорското наследство и промоција на воените и поморските вредности, како меѓу членовите на морнарицата и цивилите кои тренираат на „Јадран“, така и меѓу партнерите и пријателите на Црна Гора.
„Училишниот брод „Јадран“ беше и ќе остане траен симбол на нашата поморска култура и меѓународна соработка“, заклучи Краповиќ, додавајќи дека не гледа потреба да се продлабочат или зајакнат постојните разлики во ставовите. Тој нагласи дека нема потреба да се зголемуваат тензиите поради „симболичен чин со намера за промоција“.
Хрватската дипломатија денес потврди дека испратила протестна нота до Црна Гора поради одлуката на нејзиното министерство за одбрана да изработи значки со училишниот брод „Јадран“, кој Хрватска го смета за свој воен имот.






