Третиот највисок функционер на Чешката Република во своето новогодишно обраќање кажа дека Чешката Република конечно има влада која ги претставува граѓаните кои не се заинтересирани за тоа што прави лудата активистка Грета или, како што рече, „исто така лудата“ претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.
„Не можете да купувате оружје со парите на нашите пензионери или сограѓани со попреченост и да ги испраќате во апсолутно бесмислена војна. Парите на нашите граѓани не можат да се делат само затоа што воената пропаганда го сака тоа“, кажа Окамура, иако повеќе не се одвојуваат пари од буџетот за оружје за Украина, а Чешка, благодарение на компензациите од сојузниците во НАТО и ЕУ, заработи стотици милиони евра со донирање на стари тенкови и друго оружје на Украина од магацини подготвени за расходување.
Окамура ги обвини Европската Унија и Западот дека сакаат да заработат пари со снабдување на Чешка со неефикасно оружје кое Русите ќе го уништат дури и пред да стигнат на фронтот.
„Парите течат во сите правци и секој во тој бизнис добива нешто. Западните компании и влади и украинските крадци околу хунтата на Зеленски кои си прават тоалети од злато. Нека крадат, но не повеќе од нашите пари. Таква земја не треба да биде во ЕУ“, оцени Окамура.
Лидерот на партијата Слобода и директна демократија (СПД) изрази надеж дека Чешка, со коалициска влада предводена од премиерот Андреј Бабиш, тајкун од земјоделскиот сектор и хемиската индустрија, ќе се извлече од она што го нарече „уништениот воз кој ита директно во третата светска војна“.
„Ако по војната ни дојдат украинските ветерани кои се навикнати да убиваат без размислување тоа би била следната катастрофа која граѓаните на западните земји ја преживуваат секој ден затоа што имаат псевдолиберални влади. Не гледам никаква причина зошто треба да плаќаме за војните и колонијализмот на другите луѓе“, кажа Окамура.
Чешката опозиција жестоко го критикуваше новогодишното обраќање на Окамура и побара од владата и Бабиш да се дистанцираат од „таквото примитивно навредување, особено на нападната земја која е во војна и логично е дека покрај демократски избраното раководство и армијата ќе има глас“.
„Бабиш може да се преправа дека е прозападен премиер кој ѝ помага на Украина. Но, во замена за имунитет од кривично гонење, тој дозволи таква креатура како Томио Окамура да биде поставено на чело на Домот на пратениците. Неговите кои заслужуваат осуда се одговорност на целата влада и, за жал, тие се срам за целата Чешка“, кажа поранешниот министер за внатрешни работи Вит Ракушан.
Претседателот на Сенатот на чешкиот парламент Милош Вистрчил кажае дека целото обраќање било полно со навреди, лаги без да се земе предвид безбедноста на Чешка.
Говорот го осуди и претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук, кој нагласи дека Украинците се исклучително благодарни за целата помош што Чесите ја даваат од почетокот на руската агресија врз Украина и дека верува дека зборовите на Окамура не се став на владата или на Чесите.
„Убеден сум дека најстрогата оценка за зборовите на Окамура ќе ја дадат самите Чеси и, секако, историјата во која неговото име тешко дека ќе се памети. И сигурно ќе откриеме дали бил корисен идиот (Кремљ) или агент на руската служба ФСБ“, оцени Стефанчук на социјалните мрежи.
На изборите на 3 и 4 октомври, СПД на Окамура изгуби дури половина од своите пратеници од претходниот состав, и остана со тврдо радикално националистичко јадро и само 7,78 проценти од гласовите, иако сметаше на двоцифрен резултат.
Сепак, СПД е важен коалициски партнер во владата на популистичката Акција на незадоволни граѓани (АНО), бидејќи партијата на Бабиш не го освои очекуваниот број гласови за самостојно да формира мнозинска или ефикасна малцинска влада.
За неговата СПД да влезе во владата, а и тој самиот на позицијата шеф на Долниот дом на парламентот, Окамура мораше да се откаже од сите ветувања кон гласачите, како што се крајот на поддршката за Украина, депортацијата на украинските бегалци, референдумот за излегување на Чешка од ЕУ и НАТО и ветувањето за евтин гас од Русија.
На крајот на декември, изјавата на новиот министер за одбрана назначен од СПД дека Русија е агресор и дека Чешка ќе продолжи да ги координира испораките на артилериска муниција во Украина предизвика голем гнев кај тврдокорните електорати и бунт против Окамура и раководството на социјалните мрежи.
Окамура веднаш му забрани на министерот да добие покана за посета на Украина и да дава изјави за медиумите, а според проценките на аналитичарите и новогодишното обраќање, кое нема никакво влијание врз чекорите што ги презедоа Бабиш и владата, Окамура се обидува да ги увери своите гласачи дека не ги предал.
Според аналитичарите, какво било оградување на премиерот од испадите на Окамура или разрешување може да се очекува само по гласањето за доверба на владата на 13 јануари и откако парламентот ќе гласа дали да им се одземе имунитетот на Бабиш и Окамура и да се предадат на кривично гонење.
Бабиш го чека крајот на судењето за махинации со два милиони евра субвенции од европската каса за земјоделство, а Окамура се соочува со кривично гонење и судење за злосторство од омраза поради серија расистички ксенофобични постери во изборната кампања против странци и Роми.






