сабота, 13 декември 2025

Сигурен профит за индустријата на оружје

Објавено на

часот

Сподели

Светскиот саем на одбрана, на кој изложуваат европски Ербас, МБДА и Леонардо, заедно со 600 други произведувачи на оружје, се одржува во момент кога се одвива најголемиот напад на една европска држава во последните децении.

Конфликтот го обнови интересирањето за безбедносните теми по повеќегодишните намалувања на потрошувачката на одбрана во Европа и исцрпеноста по неуспехот на НАТО во Авганистан.

Германија, која долго ја намалуваше улогата на својата војска во надворешната политика, Данска и Полска соопштија дека ќе го зголемат трошењето на одбраната бидејќи војната им е пред вратите.

„Со децении владееше мир и луѓето мислеа дека мирот ќе владее засекогаш“, кажа за Ројтерс Христо Ибучев, извршен директор на бугарската компанија Арсенал, која произведува огнено оружје и муниција.

Германскиот канцелар Олаф Шолц кажа дека Берлин би можел да купи авиони Ф-35 од Соединетите Американски Држави, но дека идното напредно оружје ќе биде купувано од европски конзорциуми.

Од германскиот буџет годинава ќе бидат одделени 100 милијарди евра за еднократно зголемување на трошењето за одбрана, кажа Шолц на 27 февруари, што е двојно повеќе од целиот износ од 47 милијарди евра кој во 2021 беше определен за одбраната.

„Соопштението на германската влада најавува нова ера во трошењето за одбрана на ЕУ доколку биде реализирано“, кажа за британската агенција Ендрју Мекдонлад од компанијата Џејнс дифенс баџет, предвидувајќи дека останатите ќе го следат тој пример.

Голем број безбедносни аналитичари сметаат дека ситуацијата во Украина и одговорот на САД и европските сили, кој подразбира враќање на оружјето, ќе им гарантира огромна профитабилност на произведувачите на оружје во догледна иднина, како што тоа беше случај во децениите на Студената војна.

Според годишниот извештај за 2021 година на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ), десет држави ја монополизираа светската трговија со оружје. Од тие десет, Кина, Франција, Германија, Русија и САД претставуваат 75,9 отсто во периодот меѓу 2016-2020, додека Израел, Италија, Јужна Кореја, Шпанија и Британија нудеа асортиман на оперативно докажана опрема од 14,4 отсто од вкупната глобална воена продажба.

Одделни директори на произведувачите на оружје со скепса гледаат на соопштенијата за драматично зголемување на вложувањата во одбраната и тврдат дека по години слаби инвестиции, државите нема да ги реализираат сегашните ветувања.

Други, меѓутоа, тврдат дека по руската агресија на Крим во 2014 година државите од ЕУ веќе почнале да обраќаат поголемо внимание на безбедноста и дека војната во Украина само ќе ги поттикне нивните одбранбени планови.

„Улогата на одбраната драматично се менува“, вели за Ројтерс директорот на една европска компанија, предвидувајќи поголемо трошење не само поради војната туку и поради тоа што политиката „Америка на прво место“ на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп ја истакна потребата за јакнење на индивидуалната одбрана.

На саемот, руските произведувачи изложија ракети со прецизно наведување и артилерија како онаа која ја користат нејзините сили во нападите на украинските градови.

Руските директори одбија да коментираат во врска со тоа дали на нивните фирми може да им се плати за извозот поради западните санкции на банките и другите претпријатија.

Западните директори кажаа дека санкциите го отежнуваат плаќањето на руски фирми, но дека тоа не е невозможно.

Оклопните возила и другото оружје во речиси празниот украински изложбен простор ќе бидат испратени веднаш назад штом саемот заврши за да се користи во конфликтот.

„Во Украина е воена состојба и сè што може да биде употребено за украинската војска ќе ѝ биде на располагање“, кажа единствениот претставник на една украинска државна одбранбена компанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ