петок, 20 февруари 2026

Аналитичар: За ЕУ би било политички корисно да покрене брзо проширување на блокот и да утврди датум за целосно европско обединување

Аналитичарот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Марио Холцнер, смета дека за Европската Унија би било политички корисно да покрене брзо проширување на блокот, што би ги направило институционалните реформи неизбежни, и да утврди датум за целосно европско обединување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според него, во време кога Европејците се соочуваат со егзистенцијални закани и од Исток и од Запад, како и порано во историјата, за Европската Унија, која може да се приспособува на кризи — што го покажа со заедничкото задолжување во пандемијата — приспособувањето повеќе не е доволно, туку е потребно драматично забрзување.

Искуството покажува дека Европската Унија и нејзините членки имаат тенденција да се реформираат дури кога се „притиснати до ѕид“, наведува Холцнер во текстот „Обединета Европа 2031: да се прошири, продлабочи, преживее“, објавен на страницата на институтот.

Денес, за Европа соочена со потенцијални закани од економска стагнација и конкуренција од големите сили, одложувањето на реформите е непромислено и пред Брисел се поставува прашањето како да се поттикне акција пред кризата да се претвори во катастрофа.

Холцнер смета дека би било политички корисно носителите на одлуки да покренат брзо проширување што би ги направило институционалните реформи неизбежни, при што силните вложени напори веројатно би го направиле процесот неповратен.

Авторот наведува многубројни примери кога проширувањето и измените на европските договори се поклопувале и истакнува дека проширувањето создавало притисок за продлабочување на Европската Унија.

Тековните дебати за „делумно членство“ на Украина во Европската Унија веќе ја одразуваат итната потреба да се усогласат проширувањето и институционалната реформа. Поамбициозен пристап, смета Холцнер, би бил да се одреди фиксен датум за полноправно членство на сегашните кандидати, вклучително Западен Балкан, Молдавија и, пред сè, Украина.

Холцнер вели дека, ако е правилно осмислен, таквиот рок би го зајакнал, а не ослабил процесот на пристапување заснован на заслуги, и додаде дека тоа би ги претворило преговорите за правното наследство во натпревар меѓу кандидатите.

„Потребна е цел што ќе создаде максимална брзина на трката, не само меѓу кандидатите, туку и меѓу постојните членки, кои се принудени паралелно да ги реформираат своите институции“, рече Холцнер.

Тој понатаму пишува дека скептиците укажуваат на пречки, односно дека и ако преговорите бидат успешни, ратификацијата останува неизвесна и во некои земји е потребен референдум. Тие прашуваат зошто гласачите во Европската Унија би го поздравиле приемот на некои од најсиромашните европски земји во блокот.

Според Холцнер, одговорот лежи во проширување на „трката“ кон Европската Унија. Тој смета дека побогатите европски општества што неодамна покажале обновен интерес за членство, како Исланд и Норвешка, треба да се охрабрат да учествуваат. Исто така, земјите како Британија и Швајцарија би можеле да се исплашат да не останат сами и затоа да го преиспитаат својот став за членство.

„Охрабрувањето на побогатите земји повторно да се приклучат на Европската Унија заедно со посиромашните би можело значително да ја зголеми прифатливоста на овие вторите кај европските гласачи“, оцени аналитичарот.

Холцнер смета дека е потребен политички импулс со заедничко разбирање меѓу европските граѓани дека брзото обединување и поголемиот број европски јавни добра се клучни за избегнување економска стагнација и политичка фрагментација во рамките на територијалните граници што сè повеќе ги дефинираат Владимир Путин на Исток и Доналд Трамп на Запад.

„Изборот, на пример, на 2031 година како целен датум за целосно европско обединување би покренал серија реформи и би обезбедил јасен наратив и кредибилен временски притисок за спроведување на ветената обнова пред историјата повторно да ја принуди Европа на тоа“, заклучува Холцнер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ