недела, 13 октомври 2024

Свечено ја најавија изградбата на Коридорот 8, медиумите ускратени да постават прашања

Објавено на

часот

Сподели

Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање на нови пазари, можности за нови соработки како помеѓу домашните така и со меѓународните компании, порача премиерот Димитар Ковачевски на означувањето на почетокот на градбата на автопатската делница од Тетово до Гостивар, која е дел од Коридорот 8.  

„Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можности за нови бизниси и за економски развој, нови бензински пумпи, нови хотели, нови ресторани, нови деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој.  Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел на земјата, туку и за регионален развој  на целата држава“, потенцира Ковачевски.  

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски посочи дека со изградбата на овој  најголем капитален инфрастуруктурен проект досега во земјава ја испишуваме историјата  како модерна и европска земја.

„Денеска ја испишуваме историјата на модерна просперитетна и европска Македонија. Ова е момент кој долго го очекувавме, но овој камен-темелник е доказ за посветената работа на институциите, за координацијата, за силната посветеност да се избориме и да започнеме со реализација на предизвикувачки најголемиот капитален инфраструктурен проект досега. Денеска даваме јасно до знаење на сите – инфраструктурата е најголемиот приоритет на оваа Влада“, рече Бочварски.

Директорот на ЈП за Државни патишта Ејуп Рустеми порача дека Римјаните овој пат го нарекувале „Виа Игнација“ и го ценеле уште многу одамна.

„Денеска ние го реализираме овој историски проект со вкупна должина од 110 километри што треба да биде готов за четири години и шест месеци и да овозможи земјава да биде вистински крстопат на Балканот. Денеска е важен ден за сите нас. Ако пред 30 години од Тетово до Тирана патувавме за 12 до 14 часа, денеска овој пат ќе го изодиме за четири или пет часа. По изградбата на овој автопат ќе се патува само два часа. Ова е предноста на овој капитален проект кој ќе овозможи поголем економски развој“, рече Рустеми.

Изградбата на коридорите 8 и 10д ќе чини околу 1,3 милијарди евра.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ