среда, 12 февруари 2025

Судскиот совет бара средства за јавни набавки, премиерот очекува Собранието да почне постапка за разрешување членови на ова тело

Судскиот совет на Македонија денеска на 513-та седница расправаше и одлучуваше по претставки и поплаки што до него ги пратиле граѓани и правни лица за работата  на судиите, претседателите на судовите и судовите.

Објавено на

часот

Сподели

На дневен ред на седницата беше Годишниот план за јавни набавки за 2025 година, за кој дополнително ќе се гласа откако дел од членовите имаа забелешки за недоволно средства за функционирање на Судскиот совет и бараа повлекување на Планот за да се издејствуваат, доколку е можно, повеќе средства.

Според Селим Адеми, во Годишниот план за јавни набавки за 2025 не се предвидени пари за регионални и меѓународни конференции и, како што рече, жали што нема средства и за истражување за состојбата со судството.

„Нема ни графа за преведување, не се воведува систем и не го користиме правото што ни го дава Законот за употреба на јазици“, додаде Адеми.

Весна Дамева рече дека иако се укажува на транспарентност, во планот не е предвидена сума за ангажирање ПР-агенција, или за други договорни услуги согласно со комуникациската стратегија што ја усвоил Судскиот совет.

„Не гледам никаде ставка и за работилници, организирање меѓународни и регионални конференции, а имајќи ја предвид нашата заедничка заложба за отворање и соработка, не само во земјава и регионот, туку и надвор, ние ако го изгласаме овој план за јавни набавки, некако сами си пресудуваме да немаме успех во тој дел. Мојот предлог е уште еднаш да се направи план во Судско-буџетскиот совет и со службите да се издејствува да се обезбедат барем уште 1,5 милион до два милиона (денари)“, рече Дамева, додавајќи дека тоа е неопходно за да може да ги имплементираат препораките од Оценската мисија.

Судијката Тања Чачарова-Илиевска се согласи со предлогот да се повлече планот, дополнувајќи дека треба да водат сметка и за просторните услови во зградата и потребата да се реновираат некои нејзини делови кои не функционираат, како пример тоалетите за кои рече дека се „во страшна состојба“.

Членовите на Судски совет  утврдија престанок на судиска функција на Ристе Ристовски, судија од Апелацискиот суд Битола, поради исполнување услови за старосна пензија.

Исто така, тие го уважија барањето за надомест за одвоен живот поднесено од  судијката Данка Ристова од Радовиш, која минатиот месец беше избрана за член на Судскиот совет. Од 12 декември 2024 таа има право за надомест на трошоци по овој основ, во месечен износ од 30 отсто од просечната плата во државава.

Додека од Судскиот совет бараат дополнителни средства за јавни набавки, премиерот Христијан очекува Собранието да ја започне процедурата за разрешување членови од ова тело.

„Нелогично е тој што ги бира да не може да ги отповика посебно во услови кога не им го прифаќа извештајот за работењето“, вели Мицкоски за разрешувањето на членови на Судскиот совет, посочувајќи дека „ги гледаат сите овие законски можности“, но и дека „како Влада нема да правиме ништо што е спротивно на законот и Уставот“.

Прашан за најавите за разрешување на членови на Судскиот совет, Мицкоски посочи дека „ако само критикуваме, а ништо не преземаме, тогаш сме ја изневериле довербата од граѓаните“.

„Не ветивме, рековме дека тоа ќе биде една од мерките којашто ќе ја преземеме во борба на подобрување на работењето на судско-обвинителскиот систем во државава, бидејќи сите ќе се сложите, тоа е на екстремно ниско ниво од два проценти. Сега ние ако седиме на страна, и во публика само критикуваме, а ништо не преземаме, тогаш сме ја изневериле довербата од граѓаните. Граѓаните очекуваат акција од нас“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за симулирање сајбер-хибриден напад во касарната „Гоце Делчев“.

Негативниот извештај за работата на Судскиот совет во Собранието ја отвори дебатата дали може бидат разрешени членовите на Судскиoт совет избрани во Собранието.  Претседателот на Собранието, Африм Гаши минатиот месец изјави дека ќе се консултираат со Уставниот суд дали правни експерти сметаат дека е противуставно и противзаконски парламентот да ги разреши членовите на Судскиот совет, кои се избрани од Собранието

„Негативниот извештај за работата на Судскиот совет значи дека Собранието на некој начин ги отповикува и дека може да почне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови. Процедурата е одредена во Деловникот. Комисијата за избори и именувања како што ги назначила, на ист начин ќе бидат разрешени и така ќе оди назначувањето на новите членови на Судскиот совет. Од Комисијата за избори и именувања ќе зависи кога ќе почне процедурата. На дневен ред ќе биде штом ќе има услови за тоа прашање“, рече Гаши.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ