недела, 6 октомври 2024

Студенти на УКИМ го претставија првиот болид на натпревар во Хрватска

По речиси две години работа, студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, обединети во тимот „МЕС рејсинг“ (MES racing), создадоа болид кој пред неколку денови беше претставен на натпреварот „Алп Адриа“ (Alpe Adria) што се одржа во Велика Горица, Хрватска, соопшти УКИМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Целејќи кон унапредување на високото образование во земјава, како и кон отворање на нови можности за студентите и за поддршка на нивните идеи, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје одвои 620.000 денари за спроведување на проектот, а дополнително, Машинскиот факултет – Скопје и Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје го поддржаа проектот со финансиски средства во висина од околу 280.000 денари. Препознавајќи го значењето на ваквиот тип на проекти, за понатамошно профилирање на врвни кадри како и за унапредување на економијата во земјава, и дел од македонските компании овозможија техничка поддршка и парични средства за реализирање на проектот, со што на студентите им беше овозможено нивната замисла да биде преточена во реалност и својата креација да ја претстават на таков престижен натпревар“, се наведува во соопштението.

Тимот „МЕС рејсинг“ брои 20 студенти, главно студенти од Машинскиот и Факултетот за електротехника и информациски технологии, но и неколку студенти од другите факултети.

Проф. д-р Ташко Ризов од Машински факултет – Скопје, појаснува дека натпреварот цели да ги едуцира студентите, да го поттикне нивниот претприемнички и иновативен дух, да придонесе во развојот на нови технологии, да овозможи вмрежување на локално и интернационално ниво, да го поттикне студентскиот активизам и да поттикне повеќе млади луѓе да започнат кариера во инженерството.

На овој европски натпревар, учество земаат преку 100 универзитетски тимови секоја година.

– Проектот „Формула студент” започна со една идеја од двајца студенти од четвртата година на Машинскиот факултет во Скопје. Овие двајца млади луѓе, поттикнати од желбата за поголема практична работа и со жед за нови знаења, несебично ја споделиле визијата со своите колеги. На почеток, идејата беше примена со ниво на скептицизам, прашувајќи се дали е возможно да се започне еден ваков студентски проект од нула, без никакви претходни ресурси и искуство. Денес, речиси по 2 години, сведочиме дека идејата се претвори во реалност – истакна професорот Ризов.

Тој вели дека е огромна чест македонски тим да биде дел од реномираниот европски натпревар.

– Голема е честа нашиот Универзитет со свој тим да биде дел од овој реномиран европски натпревар. Таа чест оваа година ни ја овозможи тимот „МЕС Рејсинг“. Тимот, под менторство на професори од Машинскиот факултет – Скопје, интензивно работеше на создавањето на болидот и притоа покажа силна истрајност, тимска работа и посветеност. Болидот стана симбол на нивната заедничка визија, нивните соништа и нивната посветеност за учење на нови нешта. Тимот „МЕС Рејсинг“ успешно го претстави универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” на натпреварот „Алп Адриа“, како дел од глобалниот ,,Формула студент” натпревар во Велика Горица, Хрватска – наведува професорот Ризов.

Студентот Димитар Алжуроски, тим лидер на „МЕС Рејсинг“, потенцира дека натпреварот е одлична можност за секој студент да го надгради своето знаење.

– Запознавме студенти, судии и инженери кои се на високи позиции или, пак, соработуваат со големи компании и можноста да се разговара со нив, да се научи нешто ново и да се земе пример од нив е навистина најзначајното нешто – вели Алжуроски.

Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, упати порака до сите студенти постојано да го унапредуваат своето знаење и да ги презентираат своите креативни идеи на своите факултети за да добијат поддршка за нивно реализирање.

– Во нашата држава има многу брилијантни умови, а овој проект е само еден од многубројните докази за тоа. Навистина сме многу горди што нашите студенти се „во чекор“ со врвните светски откритија и што константно се надградуваат и отвораат нови хоризонти. Му благодариме на тимот „МЕС Рејсинг“ што достојно не претстави на престижниот натпревар во Хрватска. Се надеваме дека ни претстои период на многубројни успеси бидејќи нашата главна цел е да создаваме исклучителни кадри, целосно подготвени за пазарот на трудот, во секоја област – наведува ректорката Ангелова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ