„Само резултатот од анализата направена од страна на Институтот за јавно здравје – Скопје (ИЈЗ) ја немаме добиено, а за која од страна на медиумите дознавме дека не одговара на Правилникот за безбедност на водата поради присуство на колиформни бактерии. Во исчекување на резултатите од ИЈЗ продолжуваме со активностите за водоснабдување на граѓаните со питка вода сѐ до моментот кога инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) не ни даде решение дека водата официјално е за пиење“, се наведува во објавата на струмичкото комунално претпријатие.
Инаку, синоќа на соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) дека водата за пиење во Струмица не е исправна заради присуство на колиформни бактерии, реагираше градоначалникот Костадин Костадинов. Тој на својот фејсбук профил објави дека одговорно тврди оти водата во Струмица е исправна и хемиско-физичкиот состав и микробиолошки, а тоа ќе го докажале резултатите кои денеска се објавени.
Ова беше директен повод тој денеска да објави дека општина Струмица излегува од ЗЕЛС и дека поднесува оставка од функцијата член на Управниот одбор.
Во соопштението што до јавноста го испрати Општина Струмица се наведува дека таа како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, а за нив дознавале од медиумите.
„Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за сѐ друго сме надвор од ЗЕЛС“, пишува во соопштението.
Од Општина Струмица наведуваат дека според Статутот на ЗЕЛС, оваа заедница ги застапува и брани интересите на своите членови пред Претседателот на Републиката, Собранието и Владата, министерствата и други институции во чија надлежност се работите од областа на локалната самоуправа.
„Но, досега, од појавувањето на проблемот со водата од 27 септември, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред сѐ Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната Турија од која Струмица и шест населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветеринарство со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани“, се посочува во соопштението.
За Општина Струмица ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи.
„Во заштита и интерес на моите сограѓани за нивното најголемо богатство-здравјето, ќе продолжам да се борам со сите сили и расположливи средства, потврдувајќи по кој знае кој пат дека тие ми се најважни и за нив компромиси нема да има. Јас како градоначалник, Општина Струмица, менаџерскиот тим и вработените во Комуналец ќе продолжиме со нашата упорност во докажувањето на вистината дека водата е исправна и микробилошки и по хемиско-физичкиот состав. Срамно и жално е да се тера политика врз здравјето на граѓаните на општина Струмица, срамно е да се јадат печени и костени во Ново Село, а да не се покаже никаков интерес за најголемиот предизвик со којшто се соочува Струмица и нејзините граѓани“, пишува во пренесената изјава на градоначалникот Костадинов.
На крајот, како што се наведува во соопштението, пишува дека „струмичани се познати по издржливоста во неправдите од власта предводена од ВМРО ДПМНЕ, ќе издржиме и сега и ќе излеземе победници од оваа скоро едномесечна голгота низ која минуваме во остварувањето на правото на чиста вода за пиење“.