петок, 27 септември 2024

Стано: Доколку дојде до ескалација на Косово, ЕУ ќе преземе посилни мерки од соопштенија

Доколку Европската Унија (ЕУ) утврди дека има нова ескалација на Косово, ќе мора да прибегне, доколку е потребно, кон некои други мерки, не само соопштенија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија Петер Стано.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Европската Унија е загрижена за ситуацијата на северот на Косово бидејќи со месеци сме сведоци на еднострани и некоординирани потези кои водат до нови ескалации“, изјави Стано.

Тој додаде дека и ова е дел од дискусијата што се води во ЕУ како дел од разгледувањето дали ќе се продолжат рестриктивните мерки на Советот на министри на Унијата кон Косово.

Портпаролот на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, одговори на новинарско прашање како ЕУ гледа на тврдењата на претставниците во Приштина дека ЕУ деновиве може да ги укине овие мерки.

Петер Стано јасно стави до знаење дека за тоа исклучиво ќе одлучува Советот на министри на ЕУ врз основа на извештајот на Борел, истакнувајќи дека нема основа за тоа однапред да се шпекулира.

Портпаролот на Борел изјави дека „константното заострување е причината за преземање рестриктивни мерки од страна на ЕУ“ кон Приштина и нагласи дека „се разбира дека ЕУ очекува властите во Приштина да преземат чекори за намалување на тензиите“.

„Но, во исто време, истото го очекуваме и од српската страна, бидејќи двете страни имаат обврски и должност да направат се што можат заедно со своите сојузници, поддржувачи, партнери за да се спречи каква било нова ескалација“, додаде тој.

Стано одговори и на новинарско прашање како ЕУ гледа на неодамнешното соопштение на властите во Приштина дека се откриени големи количини оружје и униформи на српската војска и полиција.

„Ако ЕУ види дека има ново заострување, ЕУ ќе мора да посегне, доколку е потребно, за нешто друго, не само за јавни соопштенија“, рече тој.

„Очекуваме сите страни да направат се што е во нивна моќ за да ги намалат тензиите и да помогнат конечно да излеземе од постојаниот циклус на заострување и да се вратиме таму каде што бевме, а тоа е платформата на Дијалог со цел итно спроведување на договорите на патот кон нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина“, рече Стано.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ