Сталман е човекот што стои зад концептот дека секоја компјутерска програма мора да биде бесплатна за корисниците да можат да ја проучуваат и да ја модификуваат како што ним им одговара. Тоа е единствениот начин да се осигури дека преку користењето на софтверот корисниците не ги компромитираат своите човекови права, вели тој.
„Бесплатниот софтвер буквално ви дава слобода при работењето со компјутерите. Значи дека може да го контролирате компјутерското функционирање. Тоа значи дека корисниците индивидуално и колективно имаат контрола врз работата со компјутерот. А конкретно значи дека тие можат да се заштитат себеси од штетните карактеристики што најчесто се дел на лиценцираниот софтвер“, вели Сталман.
„Ова не ви дава автоматска слобода во другите области на животот. За да ја стекнете таа слобода, мора да се борите за неа. Но човековите права заемно се поддржуваат. Во време кога голем дел од нештата што ги правиме ги правиме со компјутер, ако немаме слобода во тој дел од нашиот живот, ќе ни биде многу потешко да ја одбраниме или да се избориме за слободата во другите области. Ако изгубиш одредени права – многу е потешко да ги зачуваш другите“.
Има многу начини на кои може на луѓето да им се „украде“ нивната слобода преку софтверот што го користат. Еден од последните примери е скандалот со софтверот на Кериер ај-кју, кој е обвинет дека ја забележувал секоја активност на апаратите што работат со негова помош.
„Ова е класичен пример на штетна компонента во лиценцираниот софтвер. Овие мобилни телефони работат со помош на лиценциран софтвер и затоа не изненадува тоа што содржат штетни компоненти. Нив ги содржат сите најчесто користени лиценцирани софтвери“, нагласува Сталман.
Уште еден пример е „копањето“ податоци на Фејсбук, во кои е вклучено и масовното шпионирање на луѓето што пребаруваат по Интернет.
„Фејсбук врши масовно шпионирање. Ако на некоја страница постои копче „лајк“, Фејсбук знае кој ја посетил таа страница. Може да ја добие ај пи-адресата на компјутерот од кој е посетена страницата дури и ако личноста не е корисник на Фејсбук. Значи отворате неколку страници на кои го има копчето „лајк“ и Фејсбук знае дека сте ги посетиле, дури и ако не знае кој сте“, вели тој.
Но јавната свест за опасноста полека се крева и почнува да се создава отпор. На пример, операциите на хакерската група Анонимус всушност се онлајн-верзија на протестни демонстрации, вели Сталман.
„Протестите на Анонимус во поголем дел функционираат така што голем број луѓе испраќаат голем број команди до одредена интернет-страница, до степен кога страницата веќе не може да се справи со толкав број барања. Ова е еквивалент на толпа луѓе што протестираат пред вратата на одредена зграда. И во основа е легитимно. И кога луѓето ќе почнат да се бунат поради ова, треба да се погледне кои се и што прават. Обично тоа се луѓе што прават многу полоши нешта“, верува тој.
Уште еден живописен пример е порастот на партиите во Европа што ја поддржуваат пиратеријата, кои почнаа да освојуваат места во локалните изборни тела.
„Јас повеќе или помалку се согласувам со нивните позиции и ме радува тоа што овие прашања стануваат изборни проблеми. Не дека по правило ги поддржувам пиратските партии бидејќи кога би го правел тоа, би требало да ја знам другата страна на приказната, но тоа и онака не е важно. На пример, ставањето горна граница на глобалното затоплување е екстремно важно. Многу пиратски партии немаат став за ова прашање. Значи наместо нив, ќе поддржам некоја зелена партија“, вели тој.
Во исто време Сталман истакнува дека многу луѓе ги поддржуваат пиратските партии од апсолутно погрешни причини. Тие сакаат да добијат право бесплатно да користат лиценциран софтвер, а не би требало да го прават тоа.
„Зошто е лошо да се користи неавторизирана копија од лиценцирана програма? Затоа што таа е лиценцирана! Значи неавторизираната копија е речиси еднакво лоша како и авторизираната копија на истата програма. И двете се лоши бидејќи се лиценцирани. Корисникот нема контрола над нив. Ако платат за софтверот – тоа е полошо бидејќи ја наградуваат деликвенцијата на создавачот на софтверот. Затоа авторизираната копија е полоша. Но и двете се лоши затоа што и двете се лиценциран софтвер. Ако сакате слобода, мора да се отарасите од двете варијанти, бидејќи ве контролираат“, објаснува тој.
„Јас не го користам тој софтвер. Да ми понудите авторизирана копија и да ми платите милион долари да ја земам, пак не би ја зел, освен ако можам веднаш да ја фрлам. Да – кога би можел да ги земам парите и да ја фрлам програмата, тогаш би кажал да“, додава Сталман.
Визионерот вели дека намалувањето на софтверската индустрија, кога тоа би било предизвикано од поголема понуда на бесплатен софтвер, би било апсолутно нерелевантно во смисла што би се добило со тоа.
„Кому му е грижа? Кој е ќарот од таканаречената индустрија што создава алатки за потчинување на луѓето? Никогаш не би употребувал софтвер за кој се плаќа! Своите напори ќе ги насочам кон негово избегнување! Би било одлично кога би престанале да го создаваат! Би сакал тоа да се случи. Му се радувам на денот кога повеќе нема да се создава софтвер за кој се плаќа“, вели тој.
Секако, тој исход на настаните би ја оштетил иновативноста на индустријата, но Сталман вели дека насоката во која сега се движи развивањето на софтверот уште повеќе ѝ наштетува.
„Поради софтверските патенти САД станаа опасно место за развивање софтвер, вклучувајќи го и иновативното развивање софтвер, бидејќи кога една програма е иновативна, значи дека содржи нови идеи. Но исто така има и многу добропознати идеи. Една голема програма комбинира илјадници идеи. Значи ако имате нови идеи и сакате да ги користите, за да може да ги користите, мора да ги комбинирате со еден куп добропознати идеи. И ако не ви е дозволено да го правите тоа поради тоа што тие идеи се патентирани, не можете да ги искористите новите идеи“, објаснува тој.
Ричард Сталман