Стафа беше избран за државен правобранител во август 2018 година на предлог на Алтернатива, која тогаш беше дел од владината коалиција. Во август 2022 година Владата го разреши државниот правобранител, Фехми Стафа. Тој истовремено поднесе и неотповиклива оставка од лични причини. Но, тоа беше периодот кога за него се објавија неколку скандали. Тој исплаќаше хонорари на презентерката Бесмира Ејупи која се споменуваше како можна конзулка на Македонија во странство. Во случајот со Ејупи, Државното правобранителство исплатило 247.658 денари за нејзин ангажман од 10 месеци, а од Државната комисија за спречување на корупцијата тогаш посочија дека таа добивала хонорари за непостоечки работни позиции.
Правобранителот Стафа имаше и една од клучните улоги во неуспехот на државата да го конфискува имотот на бизнисменот Сеад Кочан во случајот Труст. За Стафа виновни за неуспехот на државата да конфискува 17 милиони евра од Кочан биле обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски. Тој поднесе и кривична пријава за неуспешната конфискација на имотот на фирмата на Кочан Трансмет, против Бубевски и Ајро, како и кривична пријава против тогашниот директор на финансиската полиција, Арафат Муареми, кој исто така беше разрешен. Обвинителите пак посочија дека нивната надлежност завршува со правосилноста на пресудата, а во стечајната постапка која се одвива во меѓувреме, доверител е државата која треба да го конфискува имотот и нејзин правен застапник е Државното правобранителство. И Муареми тогаш покрена повеќе постапки за Стафа, меѓу кои и за ангажманот на Ејупи, како и предмет со кој се истражува имот што наводно ги поврзува фамилијата Кочан и Стафа – земјиште со куќа.
Еден од условите на актуелниот оглас за именување на нов државен правобранител е кандидатот „да ужива углед за вршење на функцијата”.
А.Д.