понеделник, 10 февруари 2025

ССНМ: Директорката на ЈЗУ Козле не ги разбира обврските на именуваните функционери

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја осудува објавата на в.д. директорката на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, д-р Каролина Симоновска во која таа забранува користењето на нејзиното име во медиумите и предупредува дека во неа има многу елементи на закана кон новинарите и медиумите, се наведува меѓу другото во реакцијата на ССНМ откако на социјалните мрежи беше споделена фотографија од изјва на Симоновска во која таа забранува да се користи нејзиното име во медиумите.

Објавено на

часот

Сподели

По серијата текстови во кои дел од медиумите пишуваа за состојбите во Детската клиника Козле-Скопје, Симоновска во соопштение проследено до јавноста предупредува дека не дава согласност за користење на нејзиното име во медиумите со закана дека во случај на неовластено објавување на информации поврзани со неа, таа ќе поведе постапка и ќе преземе законски мерки.

„ССНМ ја потсетува д-р Симоновска дека јавната функција за која е избрана е предмет на опсервација на новинарите и медиумите, и дека со самото тоа што прифатила да извршува јавна должност, прифатила и нејзината работа да биде под лупа на јавноста. Во исто време ниту таа, ниту кој и да е избран и именуван функционер не може да забрани споменување на нивното име кога се работи за извршување на нивните функции, платени од парите на граѓаните. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници целиот случај го толкува како конкретна закана и попречување на работата на новинарите, и притисок врз независноста на медиумите, а избраните и именувани директори, па и државните органи кои ги поставуваат, ги потсетува дека ова е начин за наметнување цензура, а со неа се нарушува демократскиот амбиент во државата и се врши пресија врз колегите со несогледливи последици“, се наведува во реакцијата на ССНМ.

Во изјавата на Симоновска, в.д . директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, пишува дека таа не дава согласност нејзиното име да биде објавувано во медиумите.

„Под целосна материјална, морална и професионална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми. Особено во ниеден случај моето име и презиме и мојата професионалност да биде злоупотребувано на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми. Секоја постапка спротивна на горенаведеното преставува нарушување на мојот професионален, личен и морален интегритет и при тоа го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“, се наведува во изјавата на Симоновска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ