вторник, 8 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Споредувањето со другите луѓе – реална слика или искривено огледало?

Теорија на социјално споредување

Теоријата на социјално споредување се заснова на претпоставката дека луѓето имаат порив да ги проценуваат своето мислење и способности. Во недостиг од објективни начини на мерење, луѓето ги проценуваат своето мислење и способности споредувајќи ги со мислењето и способностите на другите луѓе. Според оваа теорија, споредувајќи се со другите во различни области (интелект, физички изглед и способности, успех во стекнувањето на пријатели и пронаоѓање на емотивен партнер, успех во материјата со која се бавиме) се обидуваме да дознаеме какви сме, каде сме во однос на другите и колку вредиме.

Дали воопшто ќе се споредуваме и ако да – со кого, зависи од нашите потреби, нашиот поглед на свет и нашиот став кон споредувањето. Додека едни немаат потреба да се споредуваат со никого, други тоа го прават секојдневно и вложуваат многу енергија во тоа. Се споредуваат себеси со другите или со себе од претходните животни периоди или ситуации. Исто така, меѓусебно ги споредуваат и другите луѓе и врз основа на тоа формираат мислење и донесуваат заклучоци.

Со кого се споредуваме и што е мерило на успехот

Кога себеси се споредуваме со некого, поаѓаме од претпоставка дека во нешто сме слични, било да се занимаваме со истата работа или да сме имале иста почетна позиција. На тој начин другите луѓе ги претвораме во наше мерило за успех или неуспех: ако тој некој според нашите критериуми постигнал повеќе од нас во дисциплината во која се споредуваме, тогаш ние не сме успеале, а ако постигнал помалку, тогаш сме успешни.

Како постигнувањето на една личност говори за кој било друг освен за личноста што тоа го постигнала? Што туѓиот успех или неуспех говори за нас? Кога правиме исти работи, дали ги правиме на ист начин? Ова се некои од прашањата што можат да ни помогнат да го согледаме феноменот на споредување со другите луѓе во поширок контекст.

Се споредуваме со луѓе со кои сме иста генерација; со кои идеме во ист клас, заедно студираме или работиме; со кои припаѓаме на иста струка, бранша или одредена група која дели заеднички интереси. Едни се споредуваат со членовите на своето потесно или пошироко семејство, други со пријателите и познаниците, трети со јавни личности кои дури не ги ни познаваат. Некои избираат да се споредуваат само со најуспешните во браншата на која ѝ припаѓаат и сѐ друго го сметаат за неуспех.

Чест чкрапец за споредување се собирањата со повод, како што се прослави и одбележување на разни годишници (годишница на матура, на дипломирање, на заедничка работа). Предмет на споредување може да биде нашата позиција во друштвото и моќта која ја поседуваме, успехот во материјата со која се бавиме, заработените пари и материјализацијата на истите, семејниот статус и физичкиот изглед. Затоа некои од нас и се враќаат од тие прослави замислени и нерасположени, со помешани чувства: „Да, убаво е тоа што повторно се видовме и собравме, но…“

Основна мана на ваквото споредување е недостаток на прави информации, а често и занемарување на контекстот. Се споредуваме со другите луѓе врз основа на многу мал број информации кои воглавном се сведуваат на нашиот впечаток дека некој нешто постигнал. Остатокот го надградуваме со свои проекции за кои главно не сме свесни и претпоставки што најчесто не ги проверуваме. На тој начин се споредуваме со сопствените креации, кои постојат само во нашата глава, но не и во реалноста. Она што го превидуваме е дека успехот е комбинација на повеќе фактори што се во различен меѓусебен однос – лични карактеристики, почетна позиција, друштвено опкружување, време и околности. Еден од клучните факти кој го занемаруваме кога се споредуваме со другите е дека на некои фактори не можеме да влијаеме.

Споредување во текот на растењето и пораките кои сме ги добиле

Споредување со други луѓе за многу од нас било составен дел од растењето. Членови на семејството, воспитувачи, учители и наставници нѐ споредувале со другите најчесто на наша штета, во форма на критика и отфрлање. На тој начин постојано ни праќале порака дека не сме доволно добри и дека поради тоа не нѐ прифаќаат. Освен, ако не станеме како оние со кои нѐ споредувале – во тој случај би биле прифатени или бар би имале шанса да се квалификуваме за нивното прифаќање, бидејќи се трудиме да ги задоволиме нивните барања.

„Не си доволно добар таков каков си“ и „Не биди оној кој си, биди некој друг“ се пораки кои ги добиваме кога нѐ споредуваат со другите. Овие пораки најчесто ги добиваме во детството, а тоа е период кога немаме доволно развиена свест и вештини за да се одбраниме од нив. Затоа се и исклучително штетни бидејќи сме незаштитени и изложени, а тие нѐ лишуваат од припадност и сигурност и нѐ учат дека не заслужуваме љубов поради тоа што нешто ни недостасува. Она што е особено штетно во врска со овие пораки е тоа што најчесто ги добиваме од возрасните покрај кои растеме и кои се задолжени да се грижат за нас. Ги добиваме на места и во контексти кои би требале да бидат наша сигурна база за растење.

Секое дете различно реагира на пораките кои ги добива во детството. Некои деца, кои растеле во атмосфера на споредување со други луѓе, може да го прифатат споредувањето како однос кон себе и другите; да сега, како возрасни луѓе, и себе и другите ги третираат на ист начин како што ги третирале нив кога биле мали. Други деца, кои ги задржале своите здрави механизми на отфрлање – гадење и отпор и ги користеле како реакција на споредувањето, можат да го одбијат споредувањето како начин на комуникација со другите.

Парадоксална теорија на промена

Споредувањето често претставува обид за присилна промена која не дава резултати. За тоа говори и парадоксалната теорија на промена на Арнолд Беисер (1970). Според оваа теорија, промената нема да се случи по пат на присилни обиди некој да се промени и да биде она што не е, туку напротив – кога некој ќе си дозволи на себе да биде тоа што е, целосно инвестиран во својата актуелна позиција. Парадоксалната теорија на промена обележала голем дел од работата на Фредерик (Фриц) Саломон Перлс, еден од основачите на Гешталт терапијата и е составен дел од праксата на Гешталт терапијата.

Доколку дозволиме да бидеме она што сме, си даваме на себе можност да ја „живееме“ својата природа и да бидеме во мир со себеси. Единствено со прифаќање на себе можеме да бидеме она што сме и вистински да ги прифатиме и другите луѓе. Во атмосфера на прифаќање, поддршка и љубов, потребата за споредување со другите исчезнува.

Кристина Пота Радуловиќ

психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Во бестрага

Ричард Н. Хас

Поуките и наследството од 7 октомври

Различни перспективи за типот на мултиполаризација

Весна Попоска

Целта (не секогаш) ги оправдува средствата

Стефан Митиќ

Како малите промени можат да направат голема разлика

Рајко Пеколски

Човек 2.0 (бета)

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ