петок, 29 ноември 2024

Советот на Град Скопје изгласа зголемување на вредноста на надоместокот за приватните превозници

Советот на Град Скопје, денеска на итна седница по два и пол часа расправа донесе заклучок со кој се задолжува градоначалникот на Град Скопје во најкус можен рок, по можност во текот на денешниот ден до претседателот на Советот да достави измени и дополнувања на одлуката за утврдување на вредноста на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници по критериумот остварен километар од 24 февруари 2017 година, со тоа што износите по цена на километар да ги зголеми за 30 денари соодветно, а поврзано со цената на горивото.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Советот, Трајко Славески, посочи дека одлуката ќе се применува до истекот на важноста на договорите што приватните превозници ги имаат со Град Скопје за вршење на услуги во јавниот градски превоз.

Денешната итна седница на Советот на Град Скопје беше свикана откако вчера јавниот градски превоз повторно се најде во фокусот на јавноста поради најавата на приватните превозници дека доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, од понеделник ќе ги блокираат улиците.

Тие ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт поради тоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на редовната седницата на Советот на Град Скопје.

По преписките и меѓусебните обвинувања на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески, за тоа зошто оваа точка не се нашла на дневен ред на седница на Советот, вчера попладне се одржа средбата меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и приватните превозници. По средбата на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, превозниците изјавија дека се откажуваат од блокадите што претходно ги најавија, оценувајќи го предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како одличен.

Директорот на ЈСП Драги Кушовски, претходно, во изјава за медиумите рече дека ЈСП неколку дена е со блокирана сметка по основ на долг до добавувач за нафата и дека се работи на деблокада.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ