Претседателот на Комисијата, Павле Арсоски, појасни дека средбата е по барање на Здружението и дека е од информативен карактер. Целта е пратениците кои членуваат во ова работно тело да се запознаат со работата на „Клубот на генерали“, кој е формиран во 2012 година и oрганизира многу активности, вц насока на напорите за афирмирање и унапредување на потецијалите на Армијата и на одбранбениот систем.
Претседателот на Здружението, генерал Орце Јордев, информираше дека „Клубот на генерали“ членува во Асоцијацијата на здруженија од областа на одбраната и дека остварува соработка со слични здруженија од регионот, како и во рамки на ЕУ и на НАТО.
Здружението има издадено монографија за воените генерали од земјава (1943-1917), која се планира да биде ажурирана во наредниот период. Исто така, одбележува значајни годишнини од историјата и организира трибини на актуелни безбедносни и одбранбени прашања.
Во минатите години, како што беше речено, акцентот беше на афирмација на стратешката цел на земјава за влез во НАТО. Додека, пак, по остварувањето на оваа цел, во фокусот е процесот на целосна интеграција, приспособување и трансформација на одбраната и армијата на капацитетите на Алијансата.
Како претставници на Здружението „Клуб на генерали“, на средбата присуствуваа и пензионираните генерали Горанчо Котески и Здравко Поповски.