недела, 10 ноември 2024

Со предлог-законот за правична застапеност не треба да се брза, согласни Минчев и Таравари

Министерот за јавна администрација Горан Минчев смета дека не треба да се брза со законот за правична застапеност затоа што треба да се направи соодветно законско решение кое ќе биде долгорочно и применливо. Законот, според Минчев, треба да помине низ јавна дебата со вклученост на експерти, а пред да биде донесен, да се добие и мислење од Венецијанската комисија. И министерот за здравство Арбен Таравари уверува дека законот нема да се донесе набрзина.

Објавено на

часот

Сподели

Законот, според Минчев, треба да помине низ јавна дебата со вклученост на експерти, а пред да биде донесен, да се добие и мислење од Венецијанската комисија.

„Во ова општество секој може да направи закон и тоа не е најважното прашање кој ќе го направи законот. Она што е многу битно е дека во владината коалицијата постои капацитет за политички дијалог да се дојде до една содржина на законско решение кое нема да биде предмет на повторно евентуално нова одлука на суд. Тоа значи дека треба да не се брза со ова законско решение, дека треба да се отвори јавна расправа во која што ќе се вклучат оние надлежни, а тоа е експертската јавност, посебно оние кои се задолжени за уставотворноста на евентуалното законско решение. Притоа да потенцирам дека правичната застапеност е уставна категорија, што значи дека треба да се дојде до една драфт верзија или, пак, Нацрт-закон кој на крајот по сериозна дебата, треба да биде доставен до Венецијанската комисија со цел да имаме соодветно решение кое што ќе биде долгорочно со добра содржина, но најважно од се применливо. Се надевам дека Владата ќе дојде до тоа решение, но потенцирам не треба да се брза затоа што таа уставна категорија ќе важи и сега, етничките заедници ќе имаат можност да се вработуваат согласно постоечките закони и без овие одредби коишто се укинати од страна на Уставниот суд“, рече Минчев на денешната дебата во Владата посветена на економијата, финансиите и јавната администрација.

Минчев вели дека нема да има вработувања на нестручен кадар само поради неговата етничка припадност, но посочува и дека не треба етничката припадност да се поврзува со мерит системот. Според него, етничката припадност не е единствената причина за лошиот рејтинг на дел од јавната администрација, туку причините треба да се бараат и во партиските вработувања во администрацијата.

„Мерит системот значи надоградување на кариерата врз база на квалитет, стручност и покажани резултати. Тој функционирал и без балансерот, значи етничките заедници се вработувани и пред 2001 година и ние сме имале сериозно добра администрација. И тука нема да потенцирам дека само припадници на етничката заедница допринеле до слаб или пак, лош квалитет на дел од јавната администрација. Тоа не е само етничко прашање. Тоа е прашање на партиски вработувања, прашање на непотизам кое што се темели на една нестручност на дел од јавната администрација“, рече Минчев.

Законот за висока раководна служба, како што најави, во план е да биде донесен следната година.

И министерот за здравство Арбен Таравари уверува дека законот нема да се донесе набрзина.

Прашан за критиките дека законот се правел на нетранспарентен начин, тој одговори оти за разлика од минатиот период, кога законите поминувале „набрзина“, сега немало да биде така.

„За разлика од минатиот период, кога законите набрзина поминуваа, сега нема да помине така, туку ви велам, ние подготвивме нешто, сега ќе седнеме владиното мнозинство да се координира и потоа ќе отвориме јавна дебата и нормално, тоа ќе биде достапно до сите и до медиумите и до јавноста и не планираме тоа да го поминеме за една недела, две. Меѓутоа, во разумен период, јас мислам дека треба да отвориме јавна дебата и ќе го направиме тоа сигурно“, подвлече Таравари.

Околу тоа што има законот за правична застапеност, како ќе се регулира, министерот засега не даде конкретен одговор.

„Дозволете ни продуктот да биде синхронизиран меѓу нас и потоа ќе го пуштиме и до вас до сите, но и до граѓаните, да биде транспарентно, а потоа ќе отвориме и јавна дебата меѓу експертите, па и меѓу политичките партии“, истакна министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, денеска, Таравари појасни дека имало предлог-закон за правична застапеност од страна на коалицијата Вреди по што треба да следува координација на владиното мнозинство.

„Предлог-закон од наша страна, имаше. Меѓутоа, ние во Владата сме коалиција, ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ со сите партии и ние како Вреди. Сега треба да седнеме и да се синхронизираме меѓу нас, да направиме заеднички продукт и тоа да го пуштиме и до јавноста и за јавна дебата и за Парламент. За тоа повторно ќе ангажираме експерти кои имаат ‘сенс’ за оваа работа“, нагласи Таравари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ