Собранискиот спикер Талат Џафери спротивно на Деловникот за работата на Собранието ја одложи точката за гласање за потребата од отворање на Уставот, реагираше на денешната прес-конференција пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според Деловникот, гласањето мораше да се случи во петокот, кога беше завршен претресот и имаше обезбедно кворум за гласање. Џафери го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапко за измени на закон, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот. Наместо тоа, Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да се одложи гласање за измена на Устав. Талат Џафери свесно го прекрши Деловникот за работата на Собранието, за да им овозможи на ДУИ и СДС да останат на власт ден повеќе. Џафери е ставен во улога на спасител на владините фотељи, прекршувајќи правни акти и процедури. Џафери е свесен дека кога и да се стават уставните измени на гласање тие ќе пропаднат, но и дека после тоа не останува ништо освен одење на избори, затоа Џафери одолговлекува“, обвини Лефков.
Тој го повика собранискиот спикер Талат Џафери да се вразуми и да ги стави на гласање уставните измени.
„Го повикуваме Талат Џафери да се вразуми и да ги стави на гласање уставните измени. Колку подолго власта вештачки се одржува, толку полошо за Македонија, но и толку потежок ќе им биде поразот“, рече Лефков.