петок, 18 октомври 2024

Со мирис на чај од тегавец, „Мина“, нов роман на Игор Ангелков

Објавено на

часот

Сподели

Ана Мартиноска во поговорот насловен „Експлозивна семејна сага за ретка жена со ретко име“ пишува:

„Покрај мотивските автобиографски поклопувања од една и автопоетичките промислувања од друга страна, она што останува како константа е дека во „Мина“ Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една прилика го означивме како непретенциозен стил кој „едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска“. Со здрава доза на фантазија свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација.

Покрај навигирањето низ овие лавиринти низ туѓата приказна, она што за секој читател е веројатно најважно е дека оваа книга ќе ве упати на зрело преиспитување на сопственото семејно наследство кое, сакале да признаеме или не, ја одредува насоката на нашата, лична животна авантура и со тоа, нé потсетува на сопствената минливост. Од сите овие причини, и уште многу кои допрва ќе ги откриваме со секое следно препрочитување, сé појасно станува дека секое ново дело на Анѓелков веќе нема да се чита исклучиво само по себе, туку и како дел од еден поголем циклус на дела кои создаваат една голема книжевна приказна или дури и во контекст на комплетниот опус на авторот“.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веќе две ипол децении активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста, уметноста… Неговите текстови можат да се прочитаат на www.herojnaedenden.mk.

Официјалното книжевно деби го имаше со збирката раскази „Кротки приказни“ (2006), a потоа следеа и романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020) (последните два беа финалисти за „Рациновото признание“). Минатата година ја објави збирката раскази „Двојна експозиција“ (2022). Анѓелков зад себе има и три дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015, Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“), „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ