„ По иницијатива на Град Скопје и мислење на градоначалникот по петчасовна расправа, продуктивна, беше усвоен заклучок со гласање од страна на мнозинството членови на Совет со кој што се задолжи градоначалникот да изврши измени во одлуката за исплата на надоместокот за изминат километар, тарифата за изминат километар на приватните превозници“, тврди Славески.
Тој посочи дека е факт оти во меѓувреме, од 2017 година многу работи се променети и нивните барања се оправдани и го изнесе својот став дека одлуката била донесена.
„ Во моментот на гласањето некаде околу една минута, јас ја молев службата да ги изброи гласовите, стоеја советниците тоа може да се види од снимката со дигнати раце и тие имаа забрана да ги бројат гласовите. Мислам тоа може многу лесно да се провери. Не остана ништо друго, туку јас самиот да избројам. Во меѓувреме, нели советниците од СДСМ кажаа дека нема да прават кворум, ќе го растурат кворумот, не успеаја во тоа. Може и тоа да се провери, да се изброи, така што донесена е одлуката. Јас тука чекам во мојот кабинет, во мојата канцеларија во Советот на Град Скопје од 17:00 часот, еве сега помина 19:30 часот, да ми се донесе на потпис заклучокот за да го проследам официјално до градоначалникот Арсовска. Уште една опструкција до овој момент, заклучокот не е донесен, јас ќе продолжам да чекам затоа што мислам дека тоа ми е обврска. За ова сакав да ве известам, решен е се надевам еден проблем од страна на советниците. Сега треба да постапува градоначалникот Арсовска“, рече Славески.
По завршувањето изјавата на Славески, пред медиумите пристапи советничката Ирена Витина за и таа да даде изјава. Славески, на тоа реагираше, но сепак Витина го искажа својот став, дека, како што рече „одлуката не била донесена, оти не биле исполнети деловничките услови“.
Таа посочи дека од страна на мнозинството, на ВМРО-ДПМНЕ, пак, дошле со договорена одлука, пиар-стратегија дека носат одлука, со која, вели, ќе го спасат Градот Скопје и граѓаните, без да појаснат како дошле до цената од дополнителни 30 денари. Со ова, рече таа, не се согласиле останатите советници, кои побарале да се прекине седницата, а од СДСМ побарале пауза, и процедурално да се обратат, но претседателот на Советот не ги прифатил овие барања, и одлуката неделовнички ја ставил на гласање и била донесена со 17 советници кои биле во салата, наместо потребните 23 советници.
„ Јас не можам да се согласам со 30 денари. Што ако цената е помала од 30 денари, што ако е 25 денари, 5 денари малку ни се гледаат, но во сумите кои што се исплаќаат тоа е противправна корист и оштетување на буџетот на Градот“, рече Витина и обвини дека со ваквиот однос на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и без согласност од другите пратенички групи кризата само се продлабочува.