Загриженоста меѓу партнерите владее пред сè поради плановите на израелската влада да ја продолжи копнената офанзива во пренаселената Рафа, за целосно да го уништи Хамас. Голема е и загриженоста поради хуманитарната катастрофа. Затоа повиците за прекин на огнот во Газа стануваат сè погласни и поитни. Дали Бенјамин Нетанјаху ја губи поддршката од најблиските сојузници?
Спорот на САД со Нетанјаху
Соединетите Американски Држави се долгогодишен сојузник на Израел. До сега Вашингтон секогаш држел заштитничка рака над Израел во Советот за безбедност на ОН. САД го користеа своето право на вето во минатото на сите резолуции кои повикуваа на моментален прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Но, во блиските и хармонични односи на САД и Израел ненадејно се појавија пукнатини. Минатата недела, за време на еден телефонски разговор, наводно дошло до остра кавга меѓу американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Бајден можната копнена офанзива на Рафа ја опишал како грешка, но Нетанјаху опстојува во таа своја намера.
Притоа таа офанзива не е неизбежна. Самиот Нетанјаху неодамна јасно кажа дека подготовките за неа ќе траат неколку недели. Сепак, бескомпромисниот став на израелскиот премиер, во комбинација со сè покатастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, предизвика преиспитување на американскиот став во Советот за безбедност на ОН. Таму Вашингтон претстави нацрт резолуција која требаше да ја утврди „потребата за моментален прекин на огнот“ во Појасот Газа. Нацртот не успеа да помине во петокот попладне поради ветото на Русија и Кина. Сепак, тоа се смета за јасен сигнал на засилениот притисок на САД врз владата во Тел Авив.
Тој потег е проследен со интензивни преговори за договор за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници во замена за палестински заробеници. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во моментов патува по Блискиот Исток за да разговара со сите вклучени страни. „Договорот е сè поблиску и е многу можен“, кажа неодамна прилично самоуверено Блинкен.
Канада ја прекина испораката на оружје
Канада исто така му испрати јасни сигнали на Израел. Во Отава канадскиот парламент со помош на гласовите од зелените и либералите ја протурка одлуката за привремен прекин на сите испораки на оружје за Израел. Освен тоа, Канада би требало да продолжи да работи на постигнување на целта за две држави, што се поврзува со признавање на самостојна палестинска држава. Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли објасни дека актуелната војна меѓу Израел и Хамас ја мотивирала таа одлука: ситуацијата на теренот, како што е објавено, повеќе не ѝ дозволува на Канада извоз на оружје во регионот.
Канада всушност се смета за близок сојузник на Израел, слично како САД. Меѓутоа, премиерот Џастин Трудо неодамна се најде на мета на критики поради тоа што во повеќе наврати заземаше двосмислени позиции околу конфликтот на Блискиот Исток. Канада во декември одобри резолуција на Генералното собрание на ОН која повикува на хуманитарен прекин на огнот, со тоа што во таа резолуција немаше повик до Хамас да го положи оружјето. Откако сојузничките држави и опозициските политичари реагираа со неразбирање, владата беше присилена да го објасни својот став во исцрпно соопштение. Дури и кога Јужноафриканската Република поднесе тужба за геноцид против Израел пред Меѓународниот суд на правдата, Трудо не успеа да формулира јасен став за тој случај. Тој на новинарите им кажа дека Канада го поддржува Меѓународниот суд на правдата и дека „ќе ја почитува секоја одлука“ која тој ќе ја донесе. Истовремено, меѓутоа, одби да каже дали Канада се согласува со обвинувањата за геноцид.
Опозицијата и бројни граѓански здруженија неодамна го засилија притисокот врз владата на Трудо да заземе појасен став за блискоисточниот конфликт. Тоа исто така веројатно доведе до ембаргото на оружје, за што одлучуваше парламентот, а владата планира да го спроведе, иако одлуката на парламентот не е правно обврзувачка. Тоа Канада ја става во групата земји кои го прекинаа извозот на оружје во Израел, во која спаѓаат Јапонија, Белгија, Холандија и Шпанија.
Самитот на ЕУ: Расте притисокот врз Израел
Во Европската Унија особено Шпанија стана еден од најострите критичари на војната на Израел. Заедно со својот ирски колега Лео Варадкар (кој во меѓувреме поднесе оставка), шпанскиот премиер Педро Санчез ја повика Европската комисија да го преиспита договорот за придружување на ЕУ со Израел. Мадрид и Даблин изразија сомнеж дека Израел ќе ги исполни своите обврски од тој договор, особено кога станува збор за „почитувањето на човековите права и демократските принципи“ кои се „важен дел од односите“. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го отфрли тој предлог, така што тој не беше ни ставен за расправа на самитот на ЕУ минатата недела. И покрај тоа, германската министерка го предупреди Израел на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа.
На крајот, 27 шефови на држави и влади од ЕУ договорија заедничка изјава за блискоисточниот конфликт чија цел е засилено да укаже на одговорноста на Израел. Во изјавата се повикува на моментален прекин на огнот кој треба да „доведе до одржлив прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници кои се држат во Појасот Газа и пружање хуманитарна помош“. Исто така, израелската влада се повикува да не почнува копнена офанзива во Рафа. Беше тоа првата заедничка изјава на сите 27 држави членки на ЕУ за војната на Израел во Газа во последните пет месеци.